Кривични пријави се поднесени и против управителот на правното лице, Н.Ј.(51) од истото село поради постоење основи за сомнение дека сторил кривични дела ,фалсификување или уништување деловни книги“ и „кражба“, против Ј.Ј.(25) од Бузалково, возач во правното лице, поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ и против К.Т.(61) од село Чалошево, Велешко, вработен во Ј.П. Национални шуми- Шумско стопанство „Бабуна“ – Велес поради постоење основи за сомнение дека сторил кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, фалсификување службена исправа“ и „кражба“, информираат попладнево од СВР Велес.
По претходно добиени оперативни сознанија за незаконска експлоатација на дрва, на 26.09.2024, полициски службеници од Отсекот за економски криминал и криминалистичката полиција при СВР Велес преземале службени дејствија и во заеднички координирана акција запреле товарно возило „мерцедес“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на правното лице, кое го управувал Ј.Ј., а кое било натоварено со дрва.
Притоа, тој на увид приложил само една испратница, иако бил должен да има две идентични, по една за купувачот и една за превозникот. Исто така, истиот ден било запрено и патничко возило „фиат стило“ со велешки регистарски ознаки, управувано од К.Т. и при преглед на возилото биле пронајдени испратници на Шумско стопанство „Бабуна“ Велес и други предмети.
Извршено било споредување на испратниците, при што било констатирано дека содржината не соодветствува, односно недостасува количина на дрвна маса, временски период на транспорт и регистарски ознаки за превозното средство со кое се врши транспортот.
Пронајдена била и испратница на правното лице, преку која се испишувани сомнителни податоци, користени за дополнително допишување на вредности за количини, товарни возила, регистарски таблички, временски период, како и потпис на лица. Поради сомнение дека е правен фалсификат, Шумското стопанство „Бабуна“, Шумска полиција и СВР Велес извршиле контрола и било констатирано дека дрвата што биле пронајдени во товарното возило биле посечени и товарени од парцела различна од онаа за која правното лице имало договор за вршење на сеча, дотур и транспорт. За настанот бил известен јавен обвинител и по дадени насоки од јавен обвинител и по наредба на Основен суд Велес била извршена контрола во правното лице, при што Н.Ј. во својство на управител и сопственик, не ја приложил целокупната документација за работата на фирмата за 2024 година, информираат од СВР Велес.






