„Денеска наутро, на булевар „Борис Трајковски“ во Скопје од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи извршена е контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Скопје, со кој се врши јавен превоз на патници (организиран превоз на деца), при што е констатирано дека во истиот се превезуваат 85 патници, додека дозволено по сообраќајна дозвола е максимум 48 патници, односно возачот Ј.Д. од Скопје, превезувал со автобусот 37 патници (деца) повеќе од дозволеното“, објави МВР на својот фејсбук профил.
Над возилото, како што се посочува, извршен е и вонреден технички преглед во овластена станица за технички преглед од страна на стручни лица, при што е утврдена техничка неисправност на возилото, односно неисправност на уредите за сопирање (сила на кочење на работна кочница и помошна кочница) и уредите што овозможуваат нормална видливост (скршено ветробранско стакло).
„Против правниот субјект, одговорно лице во правното лице и возачот Ј.Д. од Скопје се преземени соодветни мерки и ќе се соочат со законски предвидените санкции, додека возилото е исклучено од сообраќај се до отстранување на недостатоците, објави МВР и апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се придонесе за побезбедни патишта“, информираа од МВР.






