Според информациите од пријавата, во текот на 2022 година, првопријавениот З.Г., во својство на директор на ЈПКД Комуналец, ја злоупотребил својата службена положба и склучил договор за закуп на деловен простор лоциран во Градската капела на Градските гробишта во Струмица со второпријавениот, управител на фирмата Марија поли пласт. Договорот предвидувал закупнина од 14.200 денари месечно (со ДДВ), за период од десет години, што изнесува 170.400 денари годишно.
Иако договорот од 2022 година сè уште бил во сила, во 2023 година истите две страни склучиле нов, идентичен договор за закуп за повторен период од десет години.
Овојпат, веднаш по склучувањето, второпријавениот извршил уплата на целосната закупнина во износ од 1.704.000 денари.
Со ваквите дејствија, како што стои во кривичната пријава, првопријавениот и второпријавениот постапиле спротивно на член 4 став 2 од Законот за гробишта и погребални услуги и член 7 став 1 точка 4 од Законот за заштита на конкуренцијата.
На тој начин, му било овозможено на правното лице Марија поли пласт да врши погребална дејност во објект кој, според важечките законски и подзаконски акти, не смее да биде даден под закуп на трети лица.
Во пријавата се посочува дека со овие активности, ЈПКД Комуналец Струмица се стекнало со парични средства во вкупен износ од 1.870.400 денари, на противправен начин, додека второпријавената фирма стекнала имотна корист вршејќи дејност во нелегално издаден простор.