„За период од околу 2,5 месеци, од февруари до крајот на април годинава, двајцата осомничени жители на Ресен, во повеќе наврати насилно влегувале во објекти од цврста градба на железничката делница од пругата,кај поранешно Фринко, до селото Кремница, кои служеле за команда на светлосна и звучна сигнализација за железничкиот сообраќај.
Кршејќи ги решетките од долниот дел на вратите со кои биле обезбедени вкупно осум објекти сопственост на оштетеното Јавно претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Македонија“ – Скопје, осомничените демонтирале и одзеле вкупно 58 акумулатори со различна јачина, со што ја загрозиле сигурноста на железничкиот сообраќај“, информира Обвинителството.
Двајцата осомничени ги продавале украдените акумулатори како отпадно железо.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од влијание врз сведоци во постапката, како и можност осомничените да го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата.






