сабота, 31 јануари 2026

Дрога, оружје, насилство, малолетници главни актери во црната хроника на МВР, родителите во паника

Дрога, насилство, уцени и тепачки – секојдневието на македонските улици и училишта речиси секојденвно е дел од црната хроника во која главни актери се малолетници. Само во еден ден, полицискиот билтен на МВР регистрира низа сериозни инциденти низ државата во кои како сторители или жртви се јавуваат малолетници, што ја отвора загриженоста за безбедноста во и околу образовните институции, но и на јавни места низ државата.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Вознемирувачка сцена се одиграла во основно училиште во Тетово, каде вчера околу 15:30 часот, лице агресивно и дрско се однесувало кон директорката на училиштето, упатувајќи навреди и удирајќи со раце по влезната врата. Настанот бил пријавен во полиција, а случајот се расчистува.

Насилство меѓу децата – ограбени на автобуски и пред училишта

Само неколку часа подоцна, на автобуска постојка во скопската општина Карпош, двајца малолетници со закани ограбиле малолетно дете, одземајќи му пари. Сличен случај е пријавен и во Кисела Вода, каде четири лица, заканувајќи се со остар предмет, ограбиле малолетник, при што едно од лицата и физички го нападнало.

Насилството се префрла и во близина на училиштата. Во центарот на Скопје, по недоразбирање, малолетна ученичка била физички нападната од своја соученичка, во непосредна близина на средно училиште. Црната низа продолжува и надвор од Скопје. Во Струмица, тројца малолетници физички нападнале свој соученик во основно училиште, а насилството продолжило и надвор од училишниот двор. Против нив е поднесено известување до Обвинителството за насилство врз дете.

Дрогата меѓу младите е новото нормално

Полицијата регистрира и случаи со дрога меѓу младите. Во Скопје, на повеќе локации, лишени од слобода се 24-годишно лице и 17-годишник, кај кои била пронајдена марихуана.

Криминалот меѓу младите добива сѐ поопасни размери. Надлежните најавуваат истраги и конкретни мерки пред насилството целосно да стане секојдневна норма.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ