Серија инциденти ја одбележаа изминатата ноќ во Скопје и Тетово, при што еден велосипедист се здобил со тешки повреди, избувнал пожар во такси возило, а против едно лице е поднесена кривична пријава за напад врз полициски службеник.
Првиот случај бил пријавен вчера напладне, кога на улицата „Благоја Стефковски“ во Скопје, на излез од бензинска пумпа, патничко возило удрило во велосипед управуван од 20-годишниот Б.А. од Скопје.
„Возачот на автомобилот веднаш му пружил помош на повредениот, по што двајцата го напуштиле местото на настанот. Сепак, подоцна велосипедистот почувствувал болки и бил пренесен во Градската општа болница Св. Наум Охридски, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, велат од МВР.
Истата вечер, околу 22:10 часот, бил пријавен пожар во патничко возило ауди а6 со скопски регистарски таблички, кое било користено како такси возило на подрачјето на општина Аеродром.
„Возилото е сопственост на правно лице од Скопје. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита, а во инцидентот нема повредени лица. Извршен е увид за утврдување на причините за избувнување на пожарот“, информираа од МВР.
Во меѓувреме, СВР Тетово поднесе кривична пријава против 29-годишниот Е.А. од селото Порој, поради сомнение за сторено кривично дело предизвикување општа опасност.
Според пријавата, на 12 декември 2025 година во Тетово, тој не застанал на даден знак за запирање, туку ја зголемил брзината со возилото ауди 7 и удрил полициски службеник, нанесувајќи му повреди.
Полицијата најави истраги за сите три случаи.






