Сребрениот накит е запленет, а до едно лице е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело криумчарење.
Имено лицето во вечерните часови пред полноќ, на влез на граничниот премин се пријавил со туѓ автомобил, за што имал одобрение за управување. Поради сомневање селектиран е за детална контрола, при што во фабричките празнини зад предните бришачи, како и во фабричката празнина зад фиоката пред совозачкото седиште пронајдени се 387 парчиња алки, 134 пара обетки и 759 синџирчиња. Случајот е предаден во одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, од каде е поднесена кривична пријава.
Царински службеници пак, на граничниот премин Дојран спречија обид за нелегален внес на девизи, при што запленети се 9.250 евра. Имено при контрола на автомобил со странски регистарски таблички, управуван од грчки државјанин царинските службеници пронашле 19.250 евра, при што согласно Законот за девизно работење му се вратени 10 илјади евра, а останатите се запленети.
На граничниот премин Табановце во изминатиот период беа спречени обиди за криумчарење злато, лаптопи како и друга вредна стока.
Странска државјанка се обидела со изнајмен автомобил во кој патувала како сопатник да шверцува златен накит, вреден 600.000 денари. Во обидот е спречена од царинските службеници, кои при контрола на автомобилот во чантата во нејзина сопственост пронајдоа разновиден златен накит, со тежина од 200 грама. Станува збор за една круна, синџирче со три монети, синџирче со седум монети, две синџирчиња со пет монети, синџирче со единаесет монети и две алки. Против неа е поднесена кривична пријава.
Царинската служба за мобилен скенер на влез во државата на граничен премин Табановце, заплени и 284 парчиња облека, откако биле пронајдени при контрола на камион со бугарски регистарски таблички. Случајот е откриен откако при скенирање на камионот со мобилен скенер е утврдено дека во камионот има неправилности, по што е направена физичка контрола и се пронајдени непријавените парчиња облека.
Во друг случај на царинската испостава Табановце, мобилен царински тим заплени и 1.500 пара чорапи со потписот на „најк“, откако ги пронајде при контрола на камион пријавен за транзит. При контрола на камионот е утврдено дека покрај останатата стока која била уредно декларирана, има и стока која воопшто не била опфатена со царинските документи.
Струмичанец се обидел да криумчари во државата 6 употребувани велосипеди, 13 употребувани лаптопи, 2 компјутери за мотор и 30 крстачи за кардан. Во обидот е спречен од мобилен царински тим, кој при контрола на комбито со кое управувал ја откри непријавената стока. Имено, на прашање на царински инспектор дали има нешто да пријави, лицето одговорило дека има скара, скала, агрегат, прскалка, при што поради сомневање е селектиран за контрола и во четири вреќи и патни торби се пронајдени непријавените производи.
Скопјанец се обидел преку граничниот премин Табановце во државата да шверцува 180 парчиња различни шминки, над 40 парчиња женски шорцеви, како и разна друга стока. Во намерата го открија царинските службеници кои поради сомневање го селектираа за детална контрола, при што во патничкото комбе со кое управувал се пронајдени непријавените производи за кои требало да плати давачки.