Златните плочки со тежина од 53 грама и 11 златни монети со тежина од 39 грама се пронајдени при контрола на багаж на турски државјанин на излез од државата, на граничниот премин Меѓународен аеродром Скопје. Проценетата вредност на златото изнесува 538 илјади денари.
Во друг случај, царинските службеници на Меѓународен аеродром Скопје, при контрола на багаж на македонски државјанин кој допатувал со лет од Лондон, пронашле два лаптопа и еден мобилен телефон од брендот apple.
Вкупно 37.500 евра се запленети од страна на мобилните царински тимови во два одвоени случаи на влез во државата на граничниот премин Табановце.

Во првиот случај, при личен претрес на српски државјанин кој со автомобил со српски регистарски таблички се пријавил за влез во државата, во џебовите на неговата јакна биле пронајдени непријавени 24 илјади евра. Согласно законот, му биле вратени 10 илјади евра — износ што може слободно да се внесе во државата — додека преостанатите 14 илјади евра биле привремено задржани.
Во вториот случај, во фиоката пред совозачкото седиште на автомобил со македонски регистарски таблички, со кој македонски државјанин се пријавил за излез од државата на граничниот премин Блаце, биле пронајдени непријавени 25.500 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2 илјади евра — износ што резидент може слободно да го изнесе од државата — а 23.500 евра биле привремено задржани.
На граничниот премин Ново Село, во два одвоени случаи, се откриени 96 кутии цигари без акцизни маркички и 34 ремени за прицврстување товар во товарни возила.

Во првиот случај, во багажниот простор на автомобил со бугарски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин и пријавен за влез во државата, биле пронајдени 96 кутии цигари без акцизни маркички и 10 ремени за товар.
Во вториот случај, во багажниот простор на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин и пријавен за влез во државата, биле пронајдени 24 ремени за товар.






