Според информациите од полицискиот билтен, на 5 февруари во 22:30 часот во СВР Скопје, 45-годишен жител на село Палиград, општина Зелениково, пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат додека се превезувал во автобус на ЈСП на подрачјето на Драчево. Нападот, како што е пријавено, бил извршен од неколку малолетници од село Батинци.
Истиот ден, во 23:50 часот, 26-годишен жител на село Зелениково пријавил дека околу 23:10 часот бил физички нападнат во парк во село Пакошево, при што двајца малолетници употребиле тврд предмет и му нанеле тешки телесни повреди. Повредите биле констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Претходно, во 21:15 часот, 47-годишен скопјанец пријавил дека неговиот 16-годишен син бил физички нападнат од друг ученик во дворот на средно училиште на подрачјето на Центар.
Уште еден случај бил пријавен во 13 часот, кога 49-годишен жител на село Страхојадица, општина Зелениково, пријавил дека неговиот малолетен син бил нападнат од неколку малолетници во дворот на градинка на подрачјето на Чаир.
Во вечерните часови, 46-годишна жена од Скопје пријавила дека нејзиниот 15-годишен син бил физички нападнат од женско лице на подрачјето на Кисела Вода.
Дополнително, СВР Велес поднело кривична пријава против малолетник од Свети Николе поради сомнение за сторено кривично дело загрозување на сигурноста, откако на 11 јануари 2026 година упатувал навреди и закани преку социјална мрежа.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на сите случаи.






