Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против две лица, белгиски државјани, кои се осомничени дека како соизвршители сториле кривично дело – криумчарење согласно член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, како што е наведено во соопштението од Обвинителството, откако ја поминале пасошката контрола на аеродромот во Скопје, поминале на зелениот канал, каде што поминуваат патници кои немаат стока за пријавување, а второосомничениот при селекција од страна на царинскиот службеник бил упатен на преглед на личниот багаж на скенер, каде било забележано дека двата куфери се наполнети со празни кутии за накит и други непријавени предмети. Тој појаснил дека патува со неговата сопруга која е првоосомничена и дека таа ја поминала пасошката контрола. Нешто подоцна осомничената се вратила и при дополнителен царински преглед, во личниот багаж – ранецот кој го носела била пронајдена непријавената стока – златен накит, која ѝ била одземена.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата странски државјани осомничени за криумчарење на стока која е во вредност од големи размери.