Б.Д. пријавил дека од 2022 до 2025 година Д.И. со лажно прикажување на факти ги довел и ги држел во заблуда него и неговата сопруга М.Д. прикажувајќи се како лице со посебни паранормални способности (наводен „бајач“, истерувач на духови и магии), како „Божји човек” кој има моќ и сила да растури зла маѓија што наводно била направена над нивниот син и што наводно му го загрозувала неговото здравје и живот. За три години „бајачот“ во повеќе наврати на различни локации во Скопје и во Берово добивал пари од 5.000 до 6.000 евра за „помошта“, така што се стекнал со противправна имотна корист од вкупно 400.000 евра за посочениот период.
Полицијата од Берово и од Штип, заедно со полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција и СВР Скопје, а по насоки на јавен обвинител од надлежното ОЈО Кочани, веднаш презедоа мерки за расчистување на кривично правниот настан, при што паричните средства кои оштетениот по претходен договор со пријавениот имал намера да му ги даде, се крим-технички обработени. Вчера во Берово приведен е Д.И. и неговата мајка кај која при извршен претрес се пронајдени 3.000 евра. При извршениот претрес во нивниот дом во Трубарево пронајдени се и одземени се предмети поврзани со кривичното дело – „измама”.
По целосно преземени мерки и активности против двете приведени лица е поднесена кривична пријава за продолжено кривично дело „измама” и истите се предадени на судија за предходна постапка во Основниот суд Кочани, соопшти МВР.