сабота, 27 јули 2024

ЦИА со видео се обидува да врбува руски разузнавачи (ВИДЕО)

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) објави видео на руски јазик со кое се обидува да ги увери руските разузнавачи да ја сменат страната и да станат двојни агенти на Вашингтон. Директорот на ЦИА Вилијам Брнс во јули кажа дека наводното незадоволство кај дел од Русите поради војната во Украина создава единствена прилика за регрутација на шпиони и дека таа организација нема да ја пропушти.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Видеото е објавено на официјалниот канал на ЦИА на социјалната мрежа Икс и цели на руските патриоти вработени во разузнавачката заедница кои се сметаат предадени поради корупцијата во елитните кругови и, како што се тврди, лошата опременост и снабдување на руските оружени сили.

„Оние околу вас можеби не сакаат да ја слушнат вистината. Но ние сакаме. Не сте беспомошни“, им се порачува во речиси три минути долгата снимка во која се наведени и начини за стапување во контакт со американската шпионска агенција. Главниот лик во видеото е фиктивен 35-годишник вработен во воено-разузнавачката агенција. Прикажан е како патриот кој ја сака Русија и кој некогаш служел како падобранец.

„Имам ли доволно храброст да се спротивставам на ова предавство?“, кажува тој во видеото, пред да открие кои се вистинските непријатели во Русија, според ЦИА – корумпираните лидери и елитата.

„Највисокото раководство ја продаде државата за палати и јахти, во време кога нашите војници џвакаат стари компири и пукаат од праисториско оружје. Нашите луѓе се приморани да даваат мито за да најдат работа“, продолжува главниот лик пред да истакне како патриотизмот го натерал да соработува со ЦИА.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков коментираше дека таквата пракса на користење на медиумите и социјалните мрежи за регрутација е вообичаена и дека ЦИА го прави тоа секоја година.

Песков додаде дека ЦИА згрешила што го објавила видеото на Икс, поранешен Твитер, мрежа која е забранета во Русија. „Некој треба да ѝ каже на ЦИА дека во нашата земја популарен од забранетиот Икс е Вконтакте и таму публиката е многу поголема“, кажа Песков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ