Видеото е објавено на официјалниот канал на ЦИА на социјалната мрежа Икс и цели на руските патриоти вработени во разузнавачката заедница кои се сметаат предадени поради корупцијата во елитните кругови и, како што се тврди, лошата опременост и снабдување на руските оружени сили.
„Оние околу вас можеби не сакаат да ја слушнат вистината. Но ние сакаме. Не сте беспомошни“, им се порачува во речиси три минути долгата снимка во која се наведени и начини за стапување во контакт со американската шпионска агенција. Главниот лик во видеото е фиктивен 35-годишник вработен во воено-разузнавачката агенција. Прикажан е како патриот кој ја сака Русија и кој некогаш служел како падобранец.
Почему я связался с ЦРУ: Ради Родиныhttps://t.co/mhQbzet5X2 pic.twitter.com/sBNWgc93PM
— CIA (@CIA) January 22, 2024
„Имам ли доволно храброст да се спротивставам на ова предавство?“, кажува тој во видеото, пред да открие кои се вистинските непријатели во Русија, според ЦИА – корумпираните лидери и елитата.
„Највисокото раководство ја продаде државата за палати и јахти, во време кога нашите војници џвакаат стари компири и пукаат од праисториско оружје. Нашите луѓе се приморани да даваат мито за да најдат работа“, продолжува главниот лик пред да истакне како патриотизмот го натерал да соработува со ЦИА.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков коментираше дека таквата пракса на користење на медиумите и социјалните мрежи за регрутација е вообичаена и дека ЦИА го прави тоа секоја година.
Песков додаде дека ЦИА згрешила што го објавила видеото на Икс, поранешен Твитер, мрежа која е забранета во Русија. „Некој треба да ѝ каже на ЦИА дека во нашата земја популарен од забранетиот Икс е Вконтакте и таму публиката е многу поголема“, кажа Песков.