сабота, 27 јули 2024

Целиот свет гледа во нуклеарната централа во Запорожје, Украинците масовно бегаат во Молдавија

Објавено на

часот

Сподели

Според тврдењата на Украинците, на руските работници им било кажано да ја напуштат централата до 5 јули.

Покрај тоа, руските трупи наводно се повлекуваат од оваа област, а на улиците, според украинските разузнавачки служби, има значително помал број патроли, што за Киев е јасен знак дека Москва е спремна да предизвика инцидент.

Поради тоа Украинците кои живеат во близина на централата почнале масовно да ја напуштаат земјата и да ја преминуваат границата со Молдавија.

За целата ситуација зборуваше и претседателот на Украина Володимир Зеленски.

„Постои сериозна закана. Русија е технички спремна да предизвика локална експлозија во централата, што би можело да доведе до испуштање на опасни материјали во воздухот. Ние за сето тоа разговараме со нашите партнери за да сфатиме зошто Русија тоа го прави, како и за политички притисок врз Руската Федерација воопшто да не размислуваат за тоа“, кажа Зеленски.

Минатиот месец шефот на украинската тајна служба Кирило Буданов кажа дека Русија е спремна на технолошка катастрофа во нуклеарната централа Запорожје.

„Делот кој може да биде кренат во воздух е вештачкото езеро потребно за ладење на централата“, кажа Буданов.

Од друга страна, речиси идентични обвинувања изнесува и Москва, која тврди дека фактот што украинските власти спровеле вежби за радиоактивна безбедност и поставиле уреди за мерење на радијација во неколку градови значи дека „Киев подготвува операција за залажување на јавноста“.

Државната служба за вонредни ситуации на Украина спроведе вежби за радиоактивна безбедност во регионот на Запорожје.

Иако во текот на последните година и пол често слушавме драматични предупредувања и меѓусебни обвинувања на завојуваните страни, сега ситуацијата е посериозна од кога било.

Доколку навистина се случи мета да биде езерото, реакторите на кои им е неопходна вода за работа би останале без неа.

Тоа би предизвикало реакторот да престане да се лади, а горивото да почне да се топи. Со тоа би се создал висок притисок и би можело да дојде до експлозија.

Според мислењето на експертите, непосредно пред експлозијата би дошло до масовна евакуација поради невидливиот радиоактивен облак.

Така би дошло до ослободување радијација чии последици би се чувствувале со години.

Сепак, најголемиот нуклеарен ризик е од прегревање на нуклеарното гориво, што би можело да се случи ако со гранатирање се прекине струјата која ги придвижува системите за ладење или ако нема доволно вода за тие системи.

Исто така, во Запорожје постои и складиште на потрошеното гориво, и базени со потрошено гориво на локацијата на секој реактор, кои вкупно ги има шест. Доколку останат без доток на вода, водата би испарувала и температурите би пораснале, ризикувајќи пожар кој би можел да ослободи бројни радиоактивни изотопи.

Она што сè уште влева надеж е тоа што Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) ситуацијата не ја смета за премногу ризична.

ИАЕА ги отфрли информациите на Киев дека езерото за ладење е загрозено, но наведе и дека нема пристап до сите локации во централата.

Според Агенцијата, нејзините експерти биле во можност да прегледаат делови од системот за ладење на централата, вклучувајќи некои делови од големиот резервоар за ладење, во кој сè уште има стабилно ниво вода за ладење на реакторите. Експертите на ИАЕА исто така редовно ги проверувале реакторските единици и други области околу централата, а соопштија дека и понатаму чекаат пристап до други локации на централата, вклучувајќи го системот за ладење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ