понеделник, 9 декември 2024

Царината во Куманово во акција, запленети 500 стари грамафонски плочи на гости од Србија

Објавено на

часот

Сподели

Тие добиле и прекршочни пријави за пуштање во промет нецаринета стока и секој од нив платил глоба од околу 150 евра за да си ги добијат личните документи да излезат од државата, додека плочите им се привремено одземени и ќе бидат предадени во Агенцијата управување со одземен имот сѐ до целосно завршување на постапката.

Според очевидци, рацијата на мобилниот тим на Царинската управа се случила во неделата околу 11 часот, еден час пред официјалното отворање на манифестацијата Берза на винили, на која петмина домашни и десет регионални колекционери требало да се претстават пред публиката. Додека сè уште ги поставувале штандовите, дошла царинската конторола и запленила околу 500 плочи.  Сопствениците ги уапсиле и ги однеле во Скопје. Ги одзеле само плочите кои се донесени од странство, додека домашните колекционери и организатори немале никаков проблем да продолжат со манифестацијата, која била уредно најавена.

Во врска со ваквата чудна акција на цариниците со горчина и осуда се огласи Тошо Филиповски, хроничар на македонската рок музика, автор на Македонска рок енциклопедија, колекционер на плочи и изнадавач на винилни албуми на македонски рок групи.

„Дали ние, љубителите на слушање (и колекционирање) музика на винили (грамофонски плочи) сме криминалците во оваа држава кои треба да бидат уловени, уништени….за да ни ‘процути” државата? Ако е така…..ете, се пријавувам/е како доброволец/и…..курбан што би се рекло..Затворете ме/нѐ“.

Филиповски вели дека е уништена уште една евтина и убава забава на обичните луѓе и е загубена довербата во нас како држава.

„Ме/Нѐ засрамивте пред стотици луѓе…пред гостите што редовно ги каниме да доаѓаат и кои доаѓаат затоа што низ годините се докажавме дека сме добри домаќини и дека сакаме да се дружиме…..затоа што така ни е полесно…..во нашиот свет на винили, не потпаѓајќи под вашето влијание…на тмурно секојдневие…Не засрамивте како народ….како група на луѓе….колекционери….не засрамивте пред цел Отворен Балкан. Од вчера, по тоа што се случи, ништо повеќе нема да биде исто…..никој нема да сака повеќе да дојде и да биде малтретиран …..ниту пак берзите ќе имаат некаква смисла доколку останат само локални“, нагласува Филиповски.

Друг наш соговорник вели:

„Луѓето кажуваат дека плочите ги пријавиле на српската и на македонската граница, и ја покажале поканата каде треба да одат. Никој не им кажал дека треба посебно да се пријават на нашата граница и да извадат документ. Вчера, кога дојдоа службените лица им побараа документ за привремен увоз, за на враќање да платат царина ако продадат нешто. Се работи за стари плочи кои потекнуваат од 70-те години од минатиот век, тие имаат вредност само за нас кои ги собираме, и повеќето колекционери повеќе ги менуваме меѓусебно, отколку што ги продаваме. Не се работи дека некој сакал да ја изигра државата и да направи профит. Непотребно ги измалтретираа луѓето. Можеше на фин начин да им се укаже, вака ни ја расипаа забавата, не посрамија пред гостите од странство“

Тој додава дека досега биле на слични манифестции во Кочани и Битола, ама никогаш немало проблеми околу внесување на плочите од соседните држави. Според нивни непотврдени информации, пријавата стигнала од човек кој се почувствувал дека тие му се конкуренција.

Тошо Филиповски вели дека до него дошле поконкретни информации зошто се случи ваков упад меѓу колекционерите кои допатуваа во Македонија.

„Шпекулациигте велат дека имало пријава до Царинска полиција….од домашен трговец со плочи…со ургенции, да биде максимално строго спроведена заплената на плочите. Па во некоја таква констелација (неофицијално бил отворен предмет уште пред неколку дена, и сите гости со име и презиме биле следени во комуникациите – кога ќе пристигнат)…..најпрво гостите биле пропуштени на граница (каде уредно доставиле покана од организатор и најавиле/покажале дека носат грамофонски плочи), и без проблем пристигнале во Куманово…..каде на 30 минути пред почетокот на Берзата на винили, пред мои очи, се случи упад, легитимирање (и на нас домашните изложувачи, но кога ќе кажевме дека сме домашни, одеа на следниот) на гостите од Отворен Балкан и запленување на сѐ што тие носеа“, вели Филиповски

Поради инцидентот вријат осуди на социјалните мрежи, граѓаните се прашуваат на кого му пречеше оваа културна манифестација и дали вака ќе функционира политички замислениот Отворен Балкан.

„Берзите како настани насекаде се максимално толерирани и стимулирани од локалните заедници, и без исклучок се третираат како културни настани, со настапи на диџеи, бендови, работилници. И никој од тоа не се збогатува, ама сите прекрасно си поминуваат, меѓу стотици плочи, од кои голем дел можат да се видат само таму и следен пат којзнае каде. Ама ете, некому ова му засмета. А вината за немилиот настан, верувале или не, не е најголема кај Царината. Тие само постапувале по наредба, поточно по пријава од наш совесен граѓанин“, се вели во една од објавите.

На манифестацијата имало посетители и од други земји, Црна Гора, Косово, Хрватска, како и од повеќе градови од земјава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ