Источниот и јужниот дел на Медитеранот повторно се најзагрозени, а шпанската метеоролошка агенција Аемет, која вчера издаде портокалова тревога, денеска издаде црвена тревога за Малага и јужниот дел на Тарегона, пренесува шпанскиот весник Паис.
Агенцијата Аемет предупредува на дождови и невреме што би можеле да бидат многу силни.
Предупредувањата важат и за остатокот од регионот на Валенсија, Балеарските Острови, Мурсија и брегот на Каталонија, како и за источна Андалузија.
Освен тоа, издадено е предупредување поради снег во северниот дел на Екстремадура и регионот Кастилја и Леон, каде што некои патишта веќе се затворени, а за други употребата на синџири е задолжителна, како и поради крајбрежните појави во Галиција и по целото медитеранско крајбрежје.
Поради најава за ново невреме, се преземаат мерки на претпазливост во многу области на Валенсија, а многу градови одлучија да преземат превентивни мерки и да ја прекинат наставата во неколку провинции во регионот на Валенсија, Алдаја, Малага, Гранада и други области.
Конфедерацијата за хидрографски области на реката Ебро предупредува за можен пораст на нивото на водата во долниот тек на реката, при што аеродромот во Палма де Мајорка има доцнења, додека Форментера, Ибица и Мајорка од утринава остануваат под портокалова тревога поради дожд.
Вицепремиерката Јоланда Дијаз потсети дека работниците може да отсуствуваат од своето работно место во случај на црвено предупредување доколку постои ризик по нивното здравје и ги повика работодавците да ги преземат „сите мерки за заштита на животот“ на работниците.
Сепак, новиот циклон не се очекува да биде толку драматичен како кога беше издаден црвениот аларм на 29 октомври, кога особено регионот на Валенсија претрпе големи загуби на животи и значителна материјална штета.
Минатиот месец во Шпанија беа потврдени 222 смртни случаи поради поплави, а 23 лица се водат како исчезнати.