сабота, 27 јули 2024
Според европските аналитичари

„Црна Гора е единствената земја-кандидат со изгледи да стане членка во 2030 година“

Додека лидерите на Германија и Франција, Олаф Шолц и Емануел Макрон, во моментов размислуваат како што е можно поскоро да ја интегрираат Украина, а потоа и соседите, во Европската Унија, некои политички аналитичари во Брисел сметаат дека тоа ќе биде „најтешкото проширување во историјата на ЕУ“.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Војната во Украина го поттикна геостратегискиот интерес на Европската Унија кон проширувањето за со приемот на нови држави да го грабне влијанието од Русија, проблем што ќе продолжи да биде еден од главните предизвици во Брисел во наредниот мандат.

Откако Москва ја почна инвазијата во февруари 2022 година, ЕУ им додели статус на земја-кандидат на Украина, Молдавија и Грузија, на истокот, како и на Босна и Херцеговина на Западен Балкан, регион во кој го откочи и почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија, вели шпанската новинска агенција ЕФЕ.

Од сите кандидати, само Косово, чија независност што ја прогласи од Србија во 2008 не ја признаваат пет членки на ЕУ, нема статус на држава-кандидат.

Белгија, сегашниот претседавач со ЕУ, сака да ги почне пристапните преговори со Киев и Кишињев во јуни, за што трите дипломатски извори со кои се консултирала шпанската агенција сметаат дека е изводливо, но признаваат дека Унгарија, главниот сојузник на Москва во Брисел, и понатаму се колеба, а за одлуката е потребна едногласност.

Предизвици

„Ова е најтешкото проширување во историјата“, вели Хозе Игнасио Торебланка, аналитичар од Европскиот совет за меѓународни прашања (ЕЦФР), бидејќи „не знаеме“ кога ќе заврши војната во Украина или под какви услови, така што останува непознато кој дел од украинската територија ќе влезе во ЕУ и дали војната потоа може повторно да се разгори.

Торебланка верува и дека Молдавија, која за членството во ЕУ одржува референдум во октомври и чија проевропска влада Русија се обидува да ја дестабилизира, „има многу мал прозорец на можности“ да влезе во заедницата.

Тој вели дека е воздржан кога станува збор за можноста за членство на земјите од Западен Балкан, бидејќи преговорите со нив траат веќе три децении, од војните и распадот на поранешна Југославија.

Сепак, аналитичарката на ЕПЦ Берта Лопез Доменек верува дека Црна Гора е „единствената земја кандидат со перспектива за членство во 2030 година“, датата за проширување што ја одреди претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Ја истакнува декларираната цел на својата влада за завршување на преговорите до крајот на 2026 година со цел да се добие пристап во 2028 година и фактот дека црногорската економија е „онаа што е најусогласена“ со онаа на блокот.

И Лопез и Торебланка се убедени дека процесот на проширување ќе го загрози и политичката тежина што во ЕУ ја добива екстремната десница, како поради претстојните избори за Европскиот парламент, така и поради нејзиното влегување во сѐ поголем број влади на членки на ЕУ.

„Не дека тие ќе го блокираат проширувањето затоа што се проруски настроени, туку едноставно затоа што се залагаат за зајакнување на независноста на државите (членки на ЕУ)“ и „затоа можат да го блокираат продлабочувањето на внатрешните структури на Унијата“, вели Торебланка.

Проширување на дебатата

ЕФЕ наведува и дека и самиот процес на европска интеграција е предмет на дебата, со француско-германскиот предлог за создавање ултрабрза Унија составена од четири концентрични круга.

Во првиот се оние од еврозоната и Шенген-зоната; во вториот би биле сите земји од ЕУ; третиот би бил со придружните држави, како што се оние од Европската економска област, Швајцарија или дури и Обединетото Кралство; и последниот би ги опфатил оние на Европската политичка заедница дизајнирана од францускиот претседател Емануел Макрон, која ги вклучува, меѓу другото, Балканот и поранешните советски републики.

Форум на кој Лопез, според она што го вели за ЕФЕ, ја гледа иднината како „дипломатска платформа“ во која лидерите на земјите ќе можат да разговараат за прашањата на европскиот континент.

Настрана од предлогот на Франција и Германија, бриселските лаборатории на идеи, Центарот за европска политика (ЕПЦ) и Центарот за европска политичка стратегија (ЦЕПС) предложија сопствена варијанта на процесот на проширување, која би имала четири етапи, од кои претпоследната би била влез во ЕУ без да можат да го остварат правото на вето, кое земјите би го добиле дури во четвртата и последна фаза, кога веќе неколку години ќе покажат дека ги почитуваат вредностите на владеењето на правото.

Проширувањето ќе продолжи да биде предизвик по европските избори, од кои Торебланка предлага да се извлече корист, размислувајќи и „во деловен контекст“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ