сабота, 27 јули 2024
Четири години од членство во Алијансата

Членството во НАТО е резултат на храбра и мудра одлука, кажано на свечена седница на Владата

Влезот во НАТО беше обезбеден со реформи и со Преспанскиот договор, со мудрите и храбри државнички одлуки на тогашната Влада, рече техничкиот премиер Талат Џафери на свечена седница на Владата по повод четири години од членството на Македонија во Алијансата. НАТО e најголемата инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашата држава, кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска, а првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека денес има околности кои укажуваат дека е донесена вистинска одлука.

Објавено на

часот

Сподели

Џафери направи хронологија па рече дека патот до зачленувањето тргна од 1993 година, кога во Собранието е усвоена Резолуција по што државата мина низ многу премрежија, но и со активен придонес во мировни мисии заедно со армијата на другите земји во Алијансата. Затоа, додаде, земјата е почитувана и вреднувана членка „која има свое место на масата за одлучување и е фактор на стабилност на Западен Балкан“.

Нагласи дека со членството во Алијансата ние сме дел од најразвиените демократии во светот и сме учесници во зачувување на мирот за над една милијада луѓе, а нашата армија се трансформирала на ниво на сојузниците „и се носи рамо до рамо со високи пофалби“.

„Верувам дека сите граѓани се горди на глетката како знамето на Северна Македонија се развиорува пред седиштето на НАТО во Брисел. Тоа е слика на историјата и иднината во едно место. Горд сум што успеавме да испишеме таква историја. Денес Северна Македонија е вреднувана членка на Алијансата, не само што живееме во стабилност и извесност, туку ние сме фактор на стабилност на Западниот Балкан“, истакна Џафери.

Гледајќи ги актуелните кризи во светот и сите разгорени жаришта, нагласи тој, „се докажува исправноста на сите тешки одлуки кои не доведоа до денешното членство во НАТО“.

„Ги гледаме и слушаме ужасите низ светот, но без страв за нас оти знаеме дека НАТО е најсилната безбедносна гаранција. Тоа е доказ дека секоја направена жртва вредеше“, истакна Џафери, додавајќи дека НАТО-сојузот е уште пообединет и со јасна визија за сојузништво со приклучувањето на Финска и Шведска во изминатите две години.

Тој посочи и дека членството не ни носи само привилегии туку и обврски за јакнење, како што рече – да бидеме поотпорни и посилни, и да се носиме со предизвиците кон одбраната што ги носат трендовите.

„Спремност за политика на одбрана и одвраќање, која не значи само нова опрема и буџет, туку активно обучување на армиските припадници. Способностите на Армијата цело време се третирани со приоритет, со што се исполнува целта на нејзиното постоење“, додаде техничкиот премиер.

Годишнината од членството во НАТО на свечената седница ја честиташе и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој нагласи дека овие четири години значат безбедност зашто членството придонело за зачувување на стабилност на државата и дека тоа дошло во вистински момент „пред почетокот на агресијата на Русија над Украина“.

„Може да замислиме каква ќе беше ситуацијата во регионот ако ние не бевме членка на НАТО, во тие услови на империјални руски амбиции. Украина е само станица на тие амбиции на Русија и една од тие станици би бил Западниот Балкан, рече Османи, подвлекувајќи го придонесот на земјава во обезбедувањето стабилност и за помош за Украина. Притоа посочи и на учеството во други мисии на нашата армија и дека сме ги достигнале 2 проценти од БДП како наша задача.

Во однос на јубилејните 75 години од формирањето на НАТО (4 април 1949), шефот на дипломатијата истакна и дека политиката на отворени врати е една од најуспешните политики на Алијансата.

„Сакам да изразам задоволство од зачленувањето на Шведска и Финска, ние не сме веќе најновата членка. Со нивните одбранбени капацитети сигурно ќе се зајакне улогата на НАТО и на сите сојузници. Но, и европската интеграција е безбедносно прашање, така што ќе мора и ЕУ да продолжи со политиката на отворени врати зашто членството во Унијата веќе се гледа, пред се, како безбедносно прашање кое ќе го консолидира регионот и во тој правец“, истакна Османи.

На седницата се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска и првиот вицепремиер Бојан Маричиќ.

НАТО e најголемата инвестиција во безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашата држава, кажа меѓу другото, Петровска.

„За една држава, која има нешто повеќе од три децении независност и се наоѓа на Балканот, членството во НАТО значи огромна потврда на нејзината позиција на меѓународен план и голем успех. Безбедноста е на прво место, но безбедноста и стабилноста гарантираат и инвестиции и подобра економска состојба во државата“, рече Петровска.

Затоа, додаде министерката, членството во Алијансата беше стратешка цел на држвата од првиот момент на нејзиното осамостојување и треба да бидеме горди што денес е реалност.

Денес има околности кои укажуваат дека е донесена вистинска одлука, рече првиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ. Тој оцени дека ова денес може да се чини дека ни е дадено, но, потенцира, за тоа сме се избориле тешко, со големи политички жртви.

„Но тоа само нѐ потсетува дека тешките одлуки се навистина вредни за граѓаните и за државата. И дека тешките одлуки што терба да ги донесеме поврзани со членството во ЕУ – да, нас политичарите сигурно ќе не чинат, меѓутоа, бидете сигурни, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ – дека граѓаните ќе ни бидат благодарни – и за тоа што ќе го направиме, и за тоа што сме го направиле“, истакна Маричиќ на свечената седница.

Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020-та, 27 години откако Собранието во 1993 едногласно усвои Резолуција во која се дефинирани надворешно-политичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија.

На 15 ноември 1995 година државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларија за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел.

Во април 1999 година, на Самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија стекна статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се отпочна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.

Поканата за членство се очекуваше на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Неа тогаш ја добија  Хрватска и Албанија, но во финалната Декларација од тој самит, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство откако ќе го реши спорот за името со Грција.

На 25 декември 2017 Собранието донесе декларација за забрзување на реформските и интеграциските процеси за зачленување во НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ