сабота, 27 јули 2024

Членките на ЦЕФТА договорот утврдија нов начин на решавање на трговските спорови

Објавено на

часот

Сподели

Механизмот за решавање спорови ги уредува правилата за решавање на спорови кои можат да настанат помеѓу две или повеќе страни вклучени во трговијата.

„Со цел да се спречи штетен ефект врз трговијата и севкупните односи меѓу ЦЕФТА страните, потребно е трговските бариери да се надминат и споровите да се решат. Поставувањето на брз, транспарентен, приспособлив и економичен механизам за решавање спорови е целта на континуираните преговори. Таквиот систем мора да биде воден од правила, да биде независен, непристрасен и во целост способен да гарантира заштита и спроведување. Подобрениот Механизам за решавање спорови се очекува, преку поголема предвидливост, значително да придонесе за интеграција во рамките на ЦЕФТА“, изјави Емир Џикиќ, директорот на ЦЕФТА Секретаријатот.

Дејвид Хадсон од Директоратот за проширување и соседска политика на Европската комисија, истакна дека ефективниот механизам за решавање спорови им дава доверба на трговците и на инвеститорите при градење бизниси на нови пазари.

„Ова е причината зошто работата на ЦЕФТА за подобрен механизам за решавање спорови е толку важна за поттикнување на трговијата во Западен Балкан“, рече тој.

За важноста на усвојувањето на ефективниот механизам за решавање спорови со ЦЕФТА, Јована Круниќ од Министерството за економски развој и туризам на Црна Гора истакна дека финализирањето на преговорите за Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови е дефинирано како еден од приоритетите на претседавањето со ЦЕФТА за 2023 година. Таа ги охрабри сите страни на ЦЕФТА да продолжат со конструктивниот пристап во преговорите со цел затворање на преостанатите отворени прашања и завршување на преговорите во текот на оваа. Круниќ подвлече дека со функционален механизам за решавање спорови може да донесе многу придобивки за договорот за слободна трговија и неговите страни.

„Тоа може да помогне да се спречат и навремено и ефикасно да се решат трговските спорови, со што би се намалила неизвесноста, а зголемила предвидливоста за бизнисите и инвеститорите. Исто така, може да промовира усогласеност со правилата и обврските од договорот, што за возврат поттикнува еднакви услови за игра за сите страни“, посочи Круниќ.

Преговорите за Дополнителниот протокол 7 на ЦЕФТА беа иницирани во 2020 година и се инспирирани од системот на Светската трговска организација (СТО) и моделот на ЕУ. Механизмот за решавање спорови опфаќа консултации или преговарање, посредување и арбитража, со цел спорот меѓу страните да се реши полесно, побрзо и поедноставно.

Преговорите за Дополнителниот протокол 7 се поддржани од проектот на УНКТАД „Мониторинг и известување за нетарифни мерки и поддршка за имплементацијата на Механизмот за решавање спорови на ЦЕФТА“, финансиран од Европската комисија.

„Проектот обезбедува правна помош за преговарачите да можат да постигнат договор за модерен и ефективен механизам. Другите поврзани активности ќе ја поддржат имплементацијата на Дополнителниот протокол 7 штом ќе се усвои, и ќе ја подигнат свеста кај бизнисите. Исто така, проектот ќе ги поддржи напорите за следење на нетарифните мерки и транспарентноста на прописите поврзани со трговијата“, истакна  претставникот на УНКТАД.

Актуелните правила за решавање на спорови се пропишани во ЦЕФТА Договорот.

Почетниот механизам за решавање спорови се покажа неефикасен за новата реалност и бараше сериозни реформи поради неговата ограничена употреба, бидејќи зајакнувањето на економската соработка доведе до зголемување на трговските текови и зајакнување на односите меѓу страните, заклучија учесниците во овој проект.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ