сабота, 27 јули 2024

Четврта ноќ хаос во Франција: Грабежи, пожари, настрадани, уапсени (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

Според последниот извештај на француското министерство за внатрешни работи, билансот на четвртата ноќ на немири низ Франција е 994 апсења, повредени се 79 полицајци, а нападнати се 31 полициска станица и 11 жандармериски касарни.

Како што пренесува телевизијата БФМ, запалени се 1.350 возила, како и 234 објекти.

Ноќта меѓу петокот и саботата младите демонстранти се судирале со полицијата и ограбувале продавници и автомобили, пренесува Асошиејтед прес.

Иако министерот за внатрешни работи на Франција Жералд Дарманин за време на посетата на полициска единица во предградието Мант ла Жоли за БФМ изјави дека минатата ноќ насилството било „со значително помал интензитет“, пожарникарите во париското предградие Нантер, местото во кое полицаецот во вторникот со огнено оружје го уби тинејџерот поради тоа што не го сопрел својот автомобил, ги гаселе пожарите подметнати од демонстрантите.

Синоќа биле уапсени 80 луѓе во Марсеј, вториот по големина град во Франција, а снимките на социјалните мрежи сведочат за експлозија во старото градско пристаниште. Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата.

Демонстрантите во центарот на Марсеј ограбиле продавница за оружје и украле неколку пушки, но не и муниција, соопшти полицијата, наведувајќи дека е уапсено едно лице со пушка, веројатно од ограбената продавница.

Едно момче починало откако паднало од покрив на супермаркет во предградие на северниот француски град Руан за време на немирите, соопштија локалните власти.

Ројтерс пренесува, повикувајќи се на неименуван извор од полицијата, дека момчето паднало од покривот додека бил ограбуван супермаркетот.

Полициското убиство на 17-годишникот минатиот вторник, кој е идентификуван само како Нахел, почна бран незадоволство и судири меѓу полицијата и младите луѓе во приградските станбени квартови за социјално загрозената популација.

Претседателот на Франција Емануел Макрон испрати апел до родителите да ги задржат своите деца подалеку од улиците и ги обвини социјалните мрежи за разгорувањето на насилствата, кажувајќи дека се чини дека некои млади луѓе ги копираат насилните видео игри.

На кризен состанок со владата Макрон најави дека министерството за внатрешни работи ќе мобилизира „дополнителни средства“ за да се избори со насилството на протестите и го осуди, како што наведе, „неприфатливото искористување на смртта на адолесцентот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ