Мажите кои давале крв повеќе од 100 пати во животот имале поголема веројатност да имаат крвни зрнца кои носат одредени корисни мутации, што сугерира дека дарувањето крв го поттикнува растот на овие клетки.
Хектор Хуерга Енкабо од Институтот Френсис Крик во Лондон и неговите колеги анализирале генетски податоци извадени од крвни зрнца донирани од 217 мажи во Германија, на возраст меѓу 60 и 72 години, кои дале крв повеќе од 100 пати. Тие, исто така, разгледале примероци од 212 мажи на слична возраст кои донирале крв помалку од 10 пати, и откриле дека честите дарители имаат поголема веројатност да имаат крвни клетки кои носат одредени мутации во генот наречен ДНМТ3А.
За да се разбере оваа разлика, тимот генетски конструирал матични клетки од човечка крв – од кои се формираат сите крвни клетки во телото – со овие мутации и ги додале во лабораториски сад заедно со немодифицираните клетки. Со цел да ги имитираат ефектите од дарувањето крв, во некои од лабораториските примероци додале и хормон наречен ЕПО, кој телото го произведува по загубата на крв.
Еден месец подоцна, клетките со мутации од дарители кои често даруваат крв, пораснале 50 отсто побрзо од оние без мутации, но само во лабораториските садови што содржат ЕПО. Без овој хормон, двата типа клетки растеле со слична брзина.
„Тоа сугерира дека, со секое дарување крв, ќе имате излив на ЕПО во вашиот систем и тоа ќе го фаворизира растот на клетките со овие мутации на ДНМТ3А“, изјави Енкабо, пренесува Њу сајантист.
За да се истражи дали произведувањето повеќе од овие мутирани крвни зрнца е корисно, тимот ги измешал со клетки кои носат мутации кои го зголемуваат ризикот од леукемија, и повторно открил дека, во присуство на ЕПО, оние кои често даруваат крв значително ги надминале другите и биле поспособни да произведуваат црвени крвни зрнца. Ова укажува на тоа дека мутациите на ДНМТ3А се корисни и може да го потиснат растот на канцерогените клетки, вели Енкабо.
„Тоа е како дарувањето крв да обезбедува селективен притисок за подобрување на кондицијата на вашите матични клетки и нивната способност да се надополнуваат“, изјави Еш Тој од Универзитетот во Бристол, Велика Британија. „Не само што можете да спасите нечиј живот, туку можеби и ја подобрувате кондицијата на вашиот крвен систем“.
Иако оваа истражување покажува позитивни ефекти, научниците нагласуваат дека е потребно дополнително истражување за подобро разбирање на долгорочните последици од честото дарување крв врз здравјето.