сабота, 27 јули 2024
Претседателски избори 2024

Честитки до Сиљановска-Давкова од Вучиќ, Гир, Вархеји…

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и ја честиташе победата на Гордана Сиљановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори во Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Тој во пораката објавена на платформата Х, вели дека е убеден оти двете земји ќе продолжат да работат заедно на зајакнување на врските со цел напредок и благосостојба, како и на просперитетот на целиот регион.

„Ѝ честитам на Гордана Сиљановска Давкова за изборот за претседател на Северна Македонија и ѝ посакувам успешно да ја извршува одговорната должност што ја презема. Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија за таа цел на напредокот и благосостојбата на нашиот народ, како и на просперитетот на целиот регион“, пишива Вучиќ.

Амбасадор на Европската Унија во Македонија Дејвид Гир, утрово на Х ѝ ја честиташе победата на Сиљановска-Давкова на вчерашните претседателски избори.

„Честитки до Гордана Сиљановска-Давкова за нејзиниот избор за претседателка на Северна Македонија. Очекувам тесна соработка со неа за европската иднина на земјата“, напиша Гир на Х.

И Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји ѝ ја честиташе победата на Сиљановска Давкова на вчерашните претседателски избори.

„Честитки за новата претседателка на Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Сиљановска Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори“, наведе Вархеји во честитката на платформата Икс.

Сиљановска Давкова во одговор на објавата му се заблагодари на Вархеји на честитката, изразувајќи подготвеност за соработка во остварување на „најважниот македонски стратешки проект“.

„Ви благодарам многу, господине комесар Оливер Вархеји! Како еден од основачите на Европското движење во Македонија и поранешна Југославија, со нетрпение очекувам да работам со Европската комисија за го завршиме најважниот македонски стратешки проект“, истакна Сиљановска Давкова.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, упати честитки преку платформата „Х“ до новоизбраната претседателка на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која веднаш одговори заблагодарувајќи се и изразувајќи готовност за соработка, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешната објава на Х, Османи порача дека Косово и Македонија имаат одлични меѓусоседски односи и споделуваат силна посветеност на европската интеграција и додаде дека со нетрпение очекува да работи со Силјановска „за да се постигне оваа заедничка цел“.

„Честитки до Гордана Сиљановска-Давкова за нејзината победа на изборите во Северна Македонија и што стана првата жена претседател на земјата. Косово и Северна Македонија имаат одлични меѓусоседски односи и споделуваат силна посветеност на европската интеграција. Со нетрпение очекувам да работам со избраната претседателка на постигнување на оваа заедничка цел и натамошно продлабочување на односите меѓу Косово и Северна Македонија“, напиша Османи.

Сиљановска-Давкова одговори на „твитот“ на Османи, заблагодарувајќи ѝ се за честитката на албански и на македонски јазик.

„Почитувана Вјоса, ме радува Вашата искрена честитка. Среќна сум поради фактот дека жените во нашиот регион испишуваат политичка историја застанувајќи храбро на клучни позиции. Очекувам и понатаму да продолжиме со соработката за конечно да ја постигнеме клучната стратешка цел, евроинтеграција на целиот регион, како и да ги зацврстиме нашите односи преку една “женска” синергија“, напиша Силјановска-Давкова.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ