вторник, 22 октомври 2024

Чешкиот претседател: Украина може во НАТО и под овие услови

Украина би можела да влезе во НАТО дури и ако не ја врати својата територија која ја окупира Русија, изјави чешкиот претседател Петр Павел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Не мислам дека целосната обнова на контролата над целата територија е предуслов“, кажа Павел за чешкиот весник Новинки а право. „Ако постои демаркација, дури и административна граница, тогаш можеме оваа административна граница да ја третираме како привремена и да ја прифатиме Украина во НАТО со територијата која тогаш ќе ја контролира“.

Поранешниот генерал на западниот воен пакт ја наведе Западна Германија, која влезе во НАТО во 1955 пред обединувањето со Источна Германија во 1990, како пример дека окупирана територија се придружила на воениот сојуз.

„Иако дел од Германија го окупираше Советскиот Сојуз, остатокот беше примен во НАТО“, кажа Павел. „Така што мислам дека постои и техничко и правно решение на Украина да ѝ се дозволи да се придружи на НАТО без доведување на НАТО во конфликт со Русија“.

Павел изјави и дека војната во Украина ќе продолжи сè додека нема доволно сила двете страни да се убедат во остварувањето на политичките цели по воен пат, како и дека има неколку опции за завршување на војната на Русија и Украина.

„Ова може да се случи оваа година, но може и следната година, или пак по многу години“, кажа Павел.

Тој не ја исклучи можноста конфликтот од воен да премине во замрзнат, фаза за која оцени дека „би можела да трае со години“.

„Верувам дека за неколку години двете страни ќе сфатат дека е невозможно да се оди понатаму, и ќе се одржат преговори. Не само Соединетите Американски Држави, туку и Кина, мора да дадат значителен придонес на тоа и да ги поттикнат двете земји на дипломатски преговори“, додаде чешкиот претседател.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ