вторник, 22 октомври 2024

Чешкиот премиер апелира за прагматичен пристап кон европските земји каде што се засилува руското влијание

Чешкиот премиер Петр Фијала апелираше денеска во Прага кон земјите во кои се засилува руското влијание толку што „тие ги загрозуваат слогата во Европа и безбедноста на другите“, да се постапува трезвено и прагматично, колку и да биле со тоа фрустрирани другите земји во Европска Унија и во НАТО.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Неизбежна е потемелна дискусија за тоа како да се пристапува кон земјите каде што руското влијание достигна такво ниво што не само што ја загрозува слогата во ЕУ или во НАТО, туку и на тој начин и безбедноста. Се залагам за максимално реалистичен и прагматичен пристап, а не да се раководиме од фрустрацијата, иако таа е разбирлива. Наш одговор треба да бидат промислени чекори“, рече Фијала на редовното советување на чешките амбасадори.

Во обраќањето кон амбасадорите премиерот, за разлика од претходните години, не ја спомена Вишеградската група каде што се и Унгарија и Словачка, а кај нив расте руското влијание, туку како најблиски партнери ги наведе Полска и Германија, како и САД, кога станува збор за безбедноста.

„Не очекуваме некои поизразени промени на боиштето, иако сегашните маневри на украинските сили на руската територија претставуваат одредена симболична промена. Меѓутоа, мораме да признаеме дека не можеме сега да очекуваме суштествен пресврт“, рече чешкиот премиер.

Фијала предупреди дека не слабее желбата на Русија да освојува територии, да сее хаос и да го поткопува јавното мислење во целиот свет.

Тој нагласи дека приоритет на чешката надворешна политика и во следната година останува помошта на Украина за да остане земја што функционира секаде каде што тоа е можно, како и помошта да се запре рускиот агресор, што е, според зборовите на Фијала, чешки национален интерес.

Премиерот особено ја пофали чешката иницијатива Муниција за Украина и соопшти дека преку испораката на артилериската муниција од трети земји, кои Чешка ги поврзува со западните донатори како посредник, секој месец во Украина стигнуваат неколку десетици илјади парчиња муниција.

Петр Фијала ги одби критиките на чешката опозиција дека набавките се нетранспарентни и дека чешките посредници заработуваат на тоа посредување, зашто западните донатори ја плаќаат муницијата по повискока цена отколку што е пазарната.

„Во секој момент земјите-донатори можат да ги контролираат испораките. Некои тоа и го направија, како на пример Данска. Цените и податоците се доверливи поради оној со кој се преговара за купувањето и тој што сака да ја саботира оваа иницијатива“, рече Фијала.

Чешка е посредник во овие испораки затоа што многу трети земји, кои имаат муниција и сакаат да ѝ ја продадат на Украина, не се спремни тоа да го направат директно и јавно за да не си ги расипат своите односи со Русија.

Фијала како успех го оцени и тоа што Чешка веќе во текот на 2022 година се ослободи од зависноста од рускиот гас, а смета дека до пролетта следната година ќе престане да користи и руска нафта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ