Изминатиов период често имаше гласини дека ќе се менува статутот на УЕФА за Александар Чеферин да добие нов мандат, но Словенецот денеска соопшти дека донел одлука и ќе се повлече во 2027 година.
„Пресеков уште пред шест месеци. На организацијата и треба свежа крв, промени. Разговарав со семејството и пријателите и донесов одлука, нема да продолжам по 2027 година“ – рече Александар Чеферин на денешниот конгрес на УЕФА.
Тој имаше и коментари за Флорентино Перез, Жоан Лапорта и другите кои заговараат Суперлига.
„Има луѓе кои се обидуваат да погазат 70 години историја. Сакаат да го променат европскиот модел, и покрај тоа што е успешен. Се презентираат како спасители, а всушност тие ви копаат гробови. Се презентираат како жртви, а всушност тие се предатори. Мешаат монопол со обединетост. Зборуваат за слободни пазари, а прават свој затворен круг од кој би профитирале само тие. Сакаат само повеќе пари, капитал, моќ и престиж“.