сабота, 24 февруари 2024

Чадиковски: Зголемен трендот на напади и навреди врз новинари

Објавено на

часот

Сподели

Чадиковски информира дека споредбено со 2021 година, кога ЗНМ регистрираше пет напади, лани бројот на напади кон новинари беше зголемен на седум, а бројот на тужби кон новинари исто така бележи пораст.

Во 2022 година, според податоците добиени од Основниот граѓански суд Скопје, вкупниот број активни предмети во кои странка е новинар или медиум порасна на 54, за разлика од 2021 година, кога изнесуваше 20.  

Она што охрабрува во контекст на онлајн нападите кон новинарите и медиумските работници, според Чадиковски, е дека во декември 2021 година беше донесена судска пресуда во корист на ЗНМ за онлајн-закана кон сите новинари напишана на фејсбук-страницата на ЗНМ.

– Ова е прв пример Обвинителството и судот да истражат и да санкционираат сериозна онлајн-закана изречена кон новинари. Важно е да се напомене дека по неколкугодишно инсистирање на ЗНМ, Основното јавно обвинителство Скопје, во октомври 2022 година назначи обвинител од истата институција, како лице за контакт во врска со предметите поврзани со безбедноста на новинарите, кои се во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје. Во 2023 година од страна на МВР исто така на претходно барање на ЗНМ е назначено лице-контакт точка за интернет заканите кон новинарите и воопшто, медиумските работници, објаснува Чадиковски за МИА.

Во февруари оваа година беа донесени измените во Кривичниот законик кои имаат за цел да се изедначи нападот врз новинари и медиумски работници како напад врз службено лице. 

Ова значи дека за закани по живот кон оваа група на луѓе ќе се одговара со парична казна или со затворска до шест месеци. Доколку заканата предизвика чувство на страв или несигурност, казната може да достигне и до една година затвор. Ако веќе станува збор за насилство сторено врз оваа група на луѓе затворската казна изнесува од три месеци до три години.

Чадиковски потсети дека ЗНМ повеќе од две години ги бара овие измени и е на ставот дека во иднина треба да се воспостави позитивна судска пракса со доследна примена на овие измени, со цел конечно правосудните органи да имаат проактивен пристап при заштита на правата на новинарите. 

– Здружението на новинари на Македонија повеќе од две години ги бараа овие измени, со цел да се  обезбеди поголема системска заштита на медиумските работници. Измените предвидуваат неколку клучни новини кои се многу важни за заштита на новинарите и на медиумските работници, за кои ЗНМ претходно изработи и објави и компаративни искуства од регионот, а кои се однесуваат на законските одредби за делата убиство, присилба и загрозување на сигурноста. Она што е важно за во иднина е да се воспостави позитивна судска пракса со доследна примена на овие измени со цел конечно правосудните органи да имаат проактивен пристап при заштита на правата на новинарите, додава Чадиковски.

Како што посочува, преку функционален систем за заштита на новинарите се очекува во иднина да се демотивираат напаѓачите да се закануваат и да напаѓаат, а на тој начин да се осигура безбедна средина како основен предуслов за нивната работа.

Прашан како ја оценува состојбата со слободата на медиумите во земјава, Чадиковски е на ставот дека состојбата е релативно подобрена во споредба со изминативе години. Но, како што вели, зголемен е трендот на понижувања од страна на политичарите, небезбедни услови за работа и лоша социо-економска состојба. 

– Во оваа прилика, клучно е да се размислува за важноста на слободата на медиумите и нивната улога во демократијата. Мора да потсетиме дека „навредувањето на новинарите е потценување на граѓаните“. Ние сме тука да и служиме на јавноста, а не на политичарите, а ограничувањето на нашата слобода ги загрозува правата на сите, потенцира Чадиковски за МИА.

По повод 3 Мај – Светскиот ден на слобода на медиумите, ЗНМ и новинарскиот синдикат ги повикува своите членови да учествуваат во денешната крводарителска акција која се организира во просториите на Црвениот крст (Даре Џамбаз) во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ