Можеби. Можеби и затоа што во последно време често од таборите на ДУИ се објавуваат пораки и се даваат изјави кои се двосмислени, кои треба да бидат дешифрирани, пораки и изјави кои се потпираат на народни поговорки и пораки и изјави кои се даваат јавно, ама само една личност или група луѓе го знаат значењето.
Како на пример кога неформалниот лидер на „огнените“ Изет Меџити му порача на Ахмети „да не го гори јорганот заради една болва“ мислејќи притоа, како што подразбравме, дека не треба да се жртвуваат група сопартијци само заради Артан Груби, за кого од Ахмети континуирано бараа да биде разрешен од сите партиски и државни функции.
И како на пример дека веднаш потоа следуваше одговор од Ахмети, во форма на лежерно пеење народна песна додека од цигара страсно увлекуваше чад.
И дека „мува не го лази“ Ахмети, се покажа кога Груби на Фејсбук објави мистериозна куса порака „Да! Тој доаѓа“. И, сите помисливме, во контекстот на една изјава од Бујар Османи, дека тое е пораката дека наскоро Албанец ќе биде премиер, именуван лично од Ахмети.
Ама кој разбрал, разбрал. Пораката да ти била дека Ахмети ќе дојде во Чаир каде е штабот на „огнените“ и дека токму таму ќе направи огромен митинг со дојдени интегративци од целата држава и од каде на „огнените“ на Меџити ќе им порача дека нивните барања се само глас на небитно малцинство во ДУИ, а дека Груби и другите државни функционери од ДУИ ја уживаат неговата поддршка.
И сега, Ахмети е лежерен можбеи затоа што претходно на „огнените“ им кажа дека немаат право да бидат фракција и им го покажа патот каде им е местото, зашто државните функционери се на висината на задачата. Потоа, кај камен темелникот за автопатот кој ќе помине и крај Зајас, пред американската амбасадорка, амбасадорот на ЕУ, и други амбасадори, Ахмети беше најавен како најзаслужен за напорите да се отпочне со изградба на коридорите 8 и 10д, како најголема инфраструктурна работа од прогласувањето на независна Македонија.
И, кога „огнените“ синоќа изјавија демантирајќи една периферна вест, дека нема да му се приклучат на Движењето Беса, Ахмети запали едно црвено марлборо за ќеиф во вторничката вечер по камен темелникот.
Ама, а значењето на чадот што се крева нагоре? Дали навистина тоа значи дека треба нешто големо или важно да се очекува? Е, тоа ќе треба да се сочека и да се види има ли уште трикови во сагата за „огнените и Груби“.
П.Џамбазоски