сабота, 27 јули 2024

Чад има нов претседател, синот го наследи татко му кој владееше повеќе од 30 години

Махамат Идрис Деби Итно, синот на поранешниот владетел на Чад и привремен воен лидер на таа африканска земја, вчера положи заклетва како нов претседател со петгодишен мандат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Минатата недела Уставниот совет ја потврди неговата победа со 61 отсто од гласовите на претседателските избори што се одржаа на 6 мај.

Деби ја презеде власта со група генерали во 2021 година по смртта на својот татко Идрис Деби Итно и го укина уставот. Неговиот татко пред тоа владееше со земјата повеќе од 30 години.

Од 2020 година, седум земји во Африка доживеаја промена на власта преку воени удари, речиси сите во франкофонската Западна и Централна Африка.

Чад е првата земја во таканаречениот појас на државни удари што оттогаш одржа избори. Махамат Идрис Деби Итно е шестиот претседател во историјата на земјата која има околу 19 милиони жители, а од 1960 година е осамостоена од поранешната колонијална сила Франција, но никогаш не доживеала мирен трансфер на власта.

Уставниот совет ги отфрли приговорите на опозицијата за изборниот резултат, која како и претставниците на граѓанското општество зборуваше за огромни изборни кражби. Второпласираниот на претседателските избори Саксес Масра во средата поднесе оставка од премиерската функција што ја извршуваше во преодната влада од почетокот на годинава.

Деби вчера го назначи дипломатот Алах-Маје Халин за нов шеф на владата, објави државната телевизија. Назначувањето на Халин, кој служеше како шеф на протоколот на таткото на Деби и неодамна беше амбасадор во Кина, но нема искуство во извршната власт, се смета за изненадување.

За разлика од другите воени владетели во регионот, Деби е важен сојузник на Франција, која повторно распореди војници во Чад по државните удари во регионот Сахел. Чад се наоѓа на важна раскрсница меѓу кризните држави Судан, Либија, Нигер и Централноафриканската Република и е дом на повеќе од милион бегалци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ