петок, 26 јули 2024

ЦГК: За гласањето на дијаспората се потрошија повеќе пари отколку за целиот гласачки материјал

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации поврзано со последните избори во Македонија покажа дека гласањето на дијаспората чинело повеќе пари отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи.

Објавено на

часот

Сподели

Државната изборна комисија (ДИК), за спроведување на последните претседателски и парламентарни избори, склучила 22 договори за јавни набавки во вкупна вредност од 213.625.656 денари односно 3.473.588 милиони евра, заклучно со 20 мај 2024 година. Тендерите на ДИК за заедничките претседателски и парламентарни избори годинава, како што пресмета Центарот за граѓански комуникации, чинеле 767 илјади евра повеќе отколку збирот на тендерите за овие избори кога се спровеле поединечно во 2019 и 2020 година.

Како што стои во соопштението од Центарот за граѓански комуникации, истражувањето покажало дека гласањето на дијаспората чинело повеќе отколку печатењето на ливчињата за сите гласачи.

„Вредносно најголем склучен договор за изборите 2024 година е за транспорт и сместување на членови на изборните органи (ИО) во дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) за избори, склучен со Друштво за туризам, промет и услуги Њу вејс оф травел ДООЕЛ Скопје во вредност од 50 милиони денари (813 илјади евра). Договорот опфаќа транспорт и сместување на по најмногу 8 лица на 31 дестинација во светот. Во оваа постапка понуди доставиле две фирми, Њу вејс оф травел ДООЕЛ Скопје и Авиотурс Травел Сервис ДООЕЛ Скопје. Поради високата вредност, оваа тендерска постапка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки. Во текот на контрола се дадени одредени насоки до ДИК, но и во повторната евалуација на понудите, за најповолна е избрана понудата на Њу вејс оф травел“, се вели во анализата.

Инаку, проценетата вредноста на тендерот е за 9 милиони денари повисока од вредноста на склучениот договор. Договорот за транспорт и сместување на членовите на изборните органи во дипломатско конзуларните претставништва е повисок дури и од договорот за изработка и печатење на доверливиот изборен материјал што  изнесува 46 милиони денари (748 илјади евра) склучен со 3 Акционерско друштво Печатница Киро Дандаро заштитно друштво Битола. Овој договор, како што се наведува понатаму, е склучен преку постапката со преговарање без претходно објавување оглас.

„Оваа нетранспарентна постапка, со одобрение на Бирото за јавни набавки, е применета откако во претходна постапка за која бил објавен оглас се донела одлука за поништување. Вистинската причина за поништувањето не е јавно објавена бидејќи во Известувањето за поништување на постапката е наведено образложение ‘бројот на кандидати е понизок од минималниот број предвидени за постапката за јавна набавка’. Но, Законот за јавни набавки не предвидува минимален број на понудувачи во отворена постапка, каква што била применета во случајот. Инаку, за печатење на доверливиот изборен материјал се преговарало само со Печатница Киро Дандаро.
Третиот по големина договор е исто така склучен во постапка со преговарање без претходно објавување оглас со фирмата Дермалог Идентификејшн Систем ГмбХ за прилагодување на имплементиран Интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите“, пишува центарот во својата анализа.

„Дури 41 процент од договорите за јавни набавки поврзани со изборите, ДИК ги склучила во постапка со директно преговарање, без оглас. Во групата фирми кои традиционално ги добиваат тендерите на ДИК се издвојуваат три фирми. Во годините кога има парламентарни избори, вредноста на јавните набавки во земјата достигнува рекордно ниво. За годинашните избори – се антиципирало во ланските набавки“, се наведува меѓу другото во соопштението од Центарот за граѓански комуникации.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ