петок, 14 март 2025

ЦЕФТА ја отвора вратата за раст на туристичкиот сектор во регионот

Новата одлука на ЦЕФТА претставува значаен чекор напред за туристичкиот сектор, овозможувајќи поедноставени регулативи за туристичките агенции и тур-оператори. Со оваа одлука, бизнисите ќе можат полесно да ги прошират своите услуги низ ЦЕФТА регионот, вклучувајќи ја и Македонија, без административни бариери.

Објавено на

часот

Сподели

„Туризмот беше еден од приоритетните сектори каде што страните се согласија да ја зајакнат регулаторната соработка и да ги отстранат постоечките пречки. Благодарение на неуморната работа на експертите, носителите на одлуки и колегите од ЦЕФТА, денес имаме нова Одлука за туризам, целосно усогласена со принципите на Единствениот пазар на ЕУ. Ќе продолжиме да ги поддржуваме ЦЕФТА страните во нејзиното спроведување, што ќе донесе конкретни придобивки за туристичкиот сектор,“ изјави Аурелија Јесеану, трговски експерт во Секретаријатот на ЦЕФТА.

Билјана Стефаноска, директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, ги истакна потенцијалните позитивни ефекти од новата одлука врз туристичкиот сектор во земјата, нагласувајќи дека ова е значаен чекор кон создавање подинамична и конкурентна туристичка индустрија.

Според Стефаноска новата одлука на ЦЕФТА е клучен чекор напред за туристичките агенции во Македонија, бидејќи дозволува полесно да се прошират туристичките понуди на регионално ниво. „Најголемата предност е тоа што агенциите сега можат да работат без дополнителна бирократија или процеси на одобрување“, вели таа.

Ова поедноставување им овозможува на македонските агенции да го таргетираат поширокиот регионален пазар и да понудат пошироки и конкурентни туристички пакети. „Македонските агенции сега можат да креираат прилагодени туристички пакети , што претставува можност за привлекување туристи од други членки на ЦЕФТА и пошироко,“ објасни Стефаноска.

Лесниот пристап до регионалните пазари се очекува ја зголеми конкурентноста на домашните туристички агенции. „ За туристичката понуда во Македонија ова значи поголем број на странски туристи, кои ќе придонесуват во зајакнување на македонската економија, создавајќи нови работни места во угостителството, транспортот и другите сектори поврзани со туризмот. Македонија може да стане регионален туристички хаб, привлекувајќи туристи кои претходно можеби не ја разгледувале нашата земја како потенцијална туристичка дестинација,“ додаде таа.

Влијанието на оваа одлука е видливо и за самите туристи. Стефаноска истакна: „Туристите ќе имаат корист од поголем избор на туристички опции, со можност да истражуваат повеќе дестинации во едно непречено патување. Оваа одлука поттикнува регионална соработка, што значи дека туристите полесно ќе можат да резервираат тури кои вклучуваат повеќе земји. Воведувањето на заеднички регионални маркетинг кампањи ќе го промовира регионот како единствена туристичка дестинација со што ќе се привлечат поголем број на туристи.“

Овој пристап на соработка отвора широк спектар на достапни и прифатливи опции за туристите, што го подобрува целокупното туристичко искуство.

Малите и средни бизниси, особено оние што се фокусираат на еко-туризам и авантуристички тури, ќе имаат огромни бенефиции од новата одлука. „За помалите бизниси, оваа одлука отвора значителни можности за проширување,“ вели Стефаноска. „Агенциите кои се специјализирани за ниш пазари, како еко-туризам, сега можат лесно да да се прошират во регионот, нудејќи пакети кои опфаќаат повеќе земји без да се соочуваат со комплицираната логистика и регулативи.“

Регионалната соработка ќе поттикне иновации и ќе им овозможи на помалите бизниси пристап до регионални маркети и можности за инвестиции. „Овие бизниси сега можат полесно да соработуваат со оператори во регионот, создавајќи нови и одржливи туристички искуства, кои ќе ги задоволат растечките потреби за еко-туризам,“ додаде таа.

Иако Македонија во моментов нема формализирана национална стратегија за туризам, Стефаноска гледа на одлуката како рамка за нејзино развивање. „Оваа одлука обезбедува солидна основа за Македонија да ги усогласи своите идни стратегии за туризам со регионалните цели. Тоа може да ни помогне да изградиме единствена туристичка политика, да го подобриме пристапот на пазарите и да ја зајакнеме нашата позиција во регионалниот туризам.“

Стефаноска нагласи дека една од клучните бенефиции на оваа одлука е нејзиниот акцент на одржливоста. „Оваа одлука поттикнува одржливи туристички практики, што е клучно за зачувување на нашето природно и културно наследство, додека го поттикнуваме туризмот. Мораме да најдеме баланс помеѓу растот и одржливоста, осигурувајќи се дека нашиот туристички сектор ќе напредува без да ги нарушува нашите ресурси.“

Оваа одлука ќе има далекусежно влијание врз локалната економија на Македонија, особено во секторите како што се угостителството, транспортот и локалните занаети. „Очекуваме зголемена побарувачка за локални сместувачки капацитети, транспортни услуги и автентични македонски производи, како што се занаетите. Ова ќе создаде работни места и ќе ја стимулира локалната економија,“ објасни Стефаноска.

Како што ќе расте бројот на туристи, и големите и малите бизниси ќе забележат зголемена побарувачка за нивните услуги, што ќе доведе до значителен економски раст. „Локалните заедници, особено оние во руралните области, ќе ги почувствуваат придобивките преку растот на туризмот, што ќе поддржи локални бизниси и ќе создаде работни места,“ заклучи Стефаноска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ