среда, 23 октомври 2024
Спречен меѓународен канал на нелегална трговија

Царината заплени стероиди штетни по здравјето на граѓаните

Царинската управа спречи меѓународен канал на нелегална трговија со анаболички стероиди, чие производство, продажба и употреба со закон е строго забрането. Запленети се 32 кутии со 192 килограми анаболички стероиди во вредност од 5,5 милиони денари, штетни за здравјето на граѓаните, а до сторителите е поднесена кривична пријава.

Објавено на

часот

Сподели

„Станува збор за Оxanaboilic и Metanabol за орална употреба, како и Testec, Testen и Sustamix за инјекциска употреба. За случајот добиено е и признание од Светската антидопинг-агенција дека македонската Царина влегла во трага на меѓународен синџир на нелегална трговија со вакви супстанции, што претставува модерен тренд на забранети стимулативни супстанции што предизвикуваат зависност. Со оваа заплена Македонија во моментот е во топ-3 земји на светско ниво на листата на Светската антидопинг-агенција за заплени на забранети супстанции“, истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на прес-конференција на која информира за случајот.

На настанот беше присутен и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој изрази благодарност и поддршка во напорите на Царинската управа за сузбивање на ваквите криминали.

„Државата ќе стои цврсто против употребата на забранети материи за постигнување добри резултати“, истакна министерот Ристовски и изрази цврста заложба во борбата против употребата на недозволени средства во спортот.

Директорот Николовски алармира дека легалните аеродроми во моментот се таргет за криминалците, при што целта им е допинг-супстанциите да стигнат на таргетираниот аеродром, во овој случај нашиот, и потоа да ја дистрибуираат на разни пазари. Во случајот, вели тој, станува збор за производител од Индија, со дебело криминогено минато, кој сакал со лет од Сингапур до Истанбул и потоа од Истанбул до Скопје стоката да ја дистрибуира на фиктивен пазар, односно како крајна дестинација е наведена Чешка, каде што ваквите производи се исто така строго забранети.

„Истрагата, која е поведена од страна на Царинската управа врз основа на сомнение, утврди дека податоците за чешката компанија се лажни, односно дека таа нема извршено нарачка на ваков вид производи. Притоа направен е тест со спектометар, кој покажа дека станува збор за анаболички стероиди. Во соработка со јавен обвинител направена е форензичка анализа од страна на МВР, каде што се потврди дека станува збор за анаболички стероиди. Воедно, од страна на Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД и Националната антидопинг-агенција во рамките на Светската антидопинг-агенција и Министерството за спорт добиен е одговор дека анаболичките стероиди се во согласност со законот строго забранети. Во согласност со добиените докази, до Основното јавно обвинителство поднесена е кривична пријава против сторителот“, информира директорот Николовски, при што упати благодарност до Светската антидопинг-агенција за соработката во овој случај, до Министерството за спорт и особено до царинските службеници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ