Намибија има поднесено жалба до Арбитражниот суд во Лозана (КАС) поради фактот дека Буркина Фасо на нивните дуели во квалификациите го имаше во состав Херв Зенге, родум од Камерун. За Намибијците, Зенге нема крвна врска со Буркина Фасо, ниту некакви конекции и не живеел во оваа африканска земја, но пасош добил затоа што е венчан за жена од таму. Намибија се повика на правилото на ФИФА дека натурализиран играч, кој нема крвна врска со земјата, мора да игра пет години во таа земја за да добие право за репрезентативен настап.
Ако КАС пресуди во корист на Намибија, таа административно ќе ја пополни групата со Брегот на Слоновата Коска, Судан и Ангола на континенталниот шампионат, кој од 21 јануари почнува во Габон и Екваторијална Гвинеја.