сабота, 11 јануари 2025

Бурата Дара ја погоди Британија: откажани возови и летови, десетици илјади домаќинства се без струја

Бурата Дара која ја погоди Британија предизвика утринава големи нарушувања во сообраќајот, со откажување возови и летови, како и прекин на електричната енергија за десетици илјади домаќинства.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Црвено метеоролошки предупредување за силни ветришта е на сила од 1 часот по локално време до 11, и ги опфаќа југозападот на Англија и дел од Велс, соопшти британската метеоролошка служба Мет офис, која ретко издава вакви предупредувања.

Бурата Дара со силен дожд е четврта бура во сезоната за Велика Британија.

Околу три милиони луѓе добиле предупредување на своите мобилни телефони во кои се повикуваат да останат засолнети дома.

Министерот за економски прашања Џонатан Рејнолдс кажа за Скај њуз дека ситуацијата е тешка и ги повика граѓаните да не излегуваат и да не се изложуваат на опасност.

Брзината на ветерот достигнала 150 километри на час во Велс, соопшти Мет офис.

Струјата е прекината во 86.000 домаќинства во Англија, Шкотска и Велс, според Асоцијацијата на енергетски мрежи.

Весникот Белфаст телеграф јавува дека 45.000 домаќинства се без струја во Северна Ирска.

Откажани се бројни возови, на северот на Велс не сообраќа ниеден поради пад на дрво на пруга, соопшти операторот Нетворк рејл Велс.

Мостовите се затворени од безбедносни причини поради ударите на ветер. Одложени се новогодишни прослави и спортски натпревари, вклучувајќи го дербито меѓу фудбалските клубови Евертон и Ливерпул.

Рестрикциите за воздушниот сообраќај се на сила на лондонските аеродроми Хитроу и Гетвик, соопшти операторот за воздухопловна контрола Ер трафик контрол.

Патниците се повикани да го проверат статусот на својот лет кај својата авиокомпанија пред заминувањето на аеродром.

Бритиш ервејз откажа најмалку седум летови за Хитроу и од него. Авионите морале да слетаат во Даблин, наместо на својата предвидена дестинација.

Бурата Дара следи две недели по бурата Берт која погоди голем дел од Британија и предизвика големи поплави во некои делови од Велс, како и прекин на струја во илјадници домаќинства во Ирска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ