Еден ден, Метафизичката управа објави дека граѓаните на Апсурдистан мора да извадат нови возачки дозволи во кои на секој граѓанин му се скратува една буква од презимето. Ова беше една од серијата мерки кои Метафизичката управа ги воведе во Апсурдистан заради подобрување на демократијата, преку унапредување на западните либерални вредности, слободата на говорот и политичката коректност: имено, со помалку букви, граѓаните ќе можат да прават помалку бука! Згора на тоа, неоптоварени со толку многу букви полесно ќе им биде да напредуваат кон западните вредности – најпосле, кому му требаат толку многу букви?!
Па така, на граѓанинот Шљупков му стигна известување во кое што му се соопштуваше дека за новата возачка дозвола ќе му биде санкционирана буквата „љ“. Граѓанинот Шљупков протестно реши да не вади нова возачка дозвола – најпосле и не му требаше, бидејќи и онака речиси цел живот го возеа. На тоа од Метафизичката управа му стигна ново известување: нова дозвола мора да се извади, макар и за да те возат!
Граѓанинот Шљупков тогаш реши да се откаже од секакво возење во активна и пасивна форма, на автомобили, скутери, велосипеди, тротинети и сè што има тркала – имено, граѓанинот Шљупков соопшти дека од тој ден само ќе пешачи. Се испостави дека и за тоа му треба – пешачка дозвола, која – ќе го чини буквата „љ“!
Граѓанинот Шљупков тогаш реши дека ќе седи дома. И ете, мораше да извади дозвола за седење! Ова надмудрување со Метафизичката управа траеше сè додека најпосле Шљупков не објави дека сè што сака е само да дише со цело име и презиме и Метафизичката управа великодушно му го дозволи тоа – само без буквата „љ“!
Тогаш Шљупков објави дека се идентификува како трансцендентална монада. На тоа на Шљупков соодветно му беше испратена метафизичка полиција која соодветно го испендречи, потсетувајќи го дека, сепак, пред сè е материјален (што, патем, за една метафизичка управа беше мошне иронично)! Имено, никој не смее да се дрзне да се идентификува како трансцендентален без дозвола од Управата која е единствено надлежна за трансценденталност и идентитети! При тоа, покрај буквата „љ“, од страна на метафизичката полиција за казна му беа запленети и буквите „ш“, „у“, „п“ „к“, па така, сè што му остана на веќе поранешниот граѓанин Шљупков е – да офка! И дури за тоа право мораше да плати со една од преостанатите две букви, така што сè што на крај му беше дозволено на поранешниот граѓанин Шљупков беше едно – О!
Сепак, за поранешниот граѓанин Шљупков, сега граѓанин О, работите и не испаднаа така лошо. Имено, поранешниот граѓанин Шљупков откри дека тркалезната форма на буквата „О“ е поволна за заобиколување на многуте дозволи кои ги бараше Управата: така, буквата „О“ беше тркалезна, па поранешниот граѓанин Шљупков можеше да се вози на неа (згора на тоа, еколошки!); кога ќе ѝ додадеше една двојка напред, можеше и да дише (и тоа најпосле чист кислород, а не оние честичкине и смогон!), кога беше гладен, можеше да ја користи буквата „О“ како ѓеврек, кога беше пијан, можеше да се исповраќа во неа… Единствена несакана нуспојава беше што поранешниот граѓанин Шљупков секогаш го множеа со нула, што, меѓутоа – и не беше нешто ново!
Рајко Пеколски