Јорданов, кој е член на коалицијата ГЕРБ-СДС и на групата Европски народни партии за време на расправата на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија- ЕУ рече дека браќата Миладиновци објавиле бугарски народни песни, а ги нарекле македонски само затоа што биле од географскиот регион Македонија. Тој рече дека во Македонија се дискриминираат граѓаните кои се декларираат како Бугари и генерално нема атмосфера за уставни промени.
„Слушнав примери за дискриминација на Бугарите во Северна Македонија, за опожарување на културните клубови, за славење на сторителите, за носење на ретроактивен закон… сето тоа е неприфатливо во ЕУ. Дали е ова владеење на право? Ова не е само прашање на односите на Бугарија и Северна Македонија, ова е прашање на човекови права и вредности. Мора да знаете историја. Таа е вечна дисциплина. Гоце Делчев неколку пати се декларирал како Бугарин“, рече Јорданов.
Ова предизвика револт и дофрлање кај македонските пратеници. Соња Мираковска од НСДП, која го водеше Мешовитиот комитет, рече дека е непримерно тука да се зборува за тоа. „Многу изјави на бугарски политичари не помагаат да ги направиме уставните измени. Никој не може ни да нѐ обвинува за дискриминација на етнички малцинства кога ги слушнавте пратениците Албанци како зборуваат слободно на албански јазик во парламентот. Јас само се надевам дека сите Македонци во сите земји ќе го добијат своето право за самопределување, што денес не е случај“, рече Мираковска и доби аплауз.
Реагираше и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека нема втор пример во светот каде на ваков систематски начин се удира по правото на самоопределување на еден народ, по правото да го именува мајчиниот јазик и слично и дека е крајно понижувачко Македонија да ја менува историјата и да менува како се определува за да влезе во ЕУ. Ниту една земја, додаде тој, не била условена со ваков диктат да се прифати еднострано толкување на историјата поради што 85 отсто од етничките Македонци се против францускиот предлог кој ѝ овозможи таква позиција во преговорите на Бугарија и додаде дека ваквата политика на Софија има само контраефекти, бидејќи никој не сака да биде понижуван.
Мешовитиот комитет ќе продолжи со работа и денеска по што ќе треба да се усвојат заеднички заклучоци.