Документот ги уредува техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со подготовката, изградбата и работењето на објектот на прекуграничниот железнички тунел Деве Баир, јавија бугарските медиуми.
На почетокот на ноември годинава претставници на Македонија и на Бугарија, со посредство на претставници на Европската комисија, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка (ЕИБ) се договорија да изготват заеднички проект поради целисходноста на постапката. Двете држави договорија трансграничниот железнички тунел Деве Баир да биде изграден од еден изведувач.
Претходно македонската Влада реагираше на обвинувањата на Бугарија дека не сака да го гради овој тунел што е дел од коридорот 8. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски во јули годинава рече дека земјава сака да го изгради коридорот 8 и дека е неприфатливо за македонската Влада да се финансира проект кој завршува на пола тунел во слепа улица, и за тоа да се потрошат половина милијарда евра народни пари.
„Зошто половина милијарда евра? Затоа што вредноста на проектот е 560 милиони евра. Од тие 360 се кредит, а 200 милиони се грант. Станува збор во прва фаза 360 милиони евра пари на македонските даночни обврзници и 200 милиони евра пари на европските даночни обврзници. Во тендерската документација стои дека принципот на изработка на проектот е по жолт фидик. Тоа значи дека сумата, буџетот кој е определен е Буџет за реализација на овој проект и дека не се предвидуваат дополнителни пенали или дополнителни работи. Но тоа не е така, бидејќи во две страници во тендерската документација стои дека изведувачот има право на пенали и на дополнителни работи. Што значи дека е црвен фидик, а бидејќи е така многу лесно проектот може да дојде до 750, 800 милиони евра. Јас ова ви го кажувам како инженер. Не ви го кажувам како претседател на Владата“, истакна во јули Мицкоски.
Делот од пругата во Република Бугарија што треба да се направи до македонска граница, е долг 2.500 метри.