сабота, 27 јули 2024

Бугарска банда во Британија украла 54 милиони фунти помош: „Живеевме како грофови“

Најголемата измама со социјалната помош во Британија е откриена откако бугарски полицаец им рекол на британските власти дека неговиот град одеднаш бил преплавен во готовина и дека криминалците „живеат како грофови“, открива британски Телеграф.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Пет бугарски државјани признаа дека украле над 50 милиони фунти од британските даночни обврзници во април и се појавија на првиот ден од нивното тридневно сослушување пред судот во Вуд Грин Краун во вторникот.

Галина Николова (38), Стојан Стојанов (27), Цветка Тодорова (52), Ѓунеш Али (33) и Патриција Панева (26) во април се изјаснија за виновни за измама и перење пари.

Групата имала илјадници „клиенти“ и во пораките споделени на Вотсап се шегувала со неспособноста на Министерството за работа и пензии да ги фати.

Нивната шема била разоткриена кога Васил Панајотов, инспектор од Сливен во подножјето на Балканските Планини, покренал истрага за ненадејниот прилив на пари во неговиот град, откако забележал дека се градат недвижности, а жителите носат скапа облека.

Тој открил дека илјадници луѓе, од кои многумина никогаш не ни биле во Британија, од таму добивале до 2.500 фунти месечно. Тој ги предупредил властите преку британската амбасада во Софија и во мај 2021 година биле извршени серија рации низ северен Лондон.

Вистинските размери на измамата веројатно ќе бидат стотици милиони фунти поголеми од првите процени, смета Панајотов.

„Првиот пат ми стана сомнително кога го видов протекот на пари во Сливен. Се прашував како овие луѓе добиле толку многу пари. Добив информации од контакти дека стотици луѓе добиваат социјални бенефиции од Обединетото Кралство искористувајќи ги слабостите на британскиот систем. Кога ја добив оваа информација, почнав моја сопствена истрага. На крај заклучив дека зборуваме можеби за 200 милиони фунти годишен приход од Обединетото Кралство“, рече Панајотов, продолжувајќи:

„Парите што влегуваа во Сливен го трансформираа градот. Луѓето купуваа дизајнерска облека и недвижен имот, отвораа продавници и казина. Ѝ ги дадов информациите на британската полиција и тие започнаа сопствена истрага за бандата“.

Обвинителот Том Литл пред судот во вторникот рекол дека во моментов во Обединетото Кралство се водат истраги против голем број други лица осомничени за вмешаност.

Опишувајќи го обемот на измамата, тој рече: „Злосторството вклучуваше многу илјади лажни тврдења за универзални кредити што биле поднесени до Министерството за труд и исплатени. И покрај обемот, шемата за измама беше едноставна за извршување и многу ефикасна“.

Универзалниот кредит беше воведен постепено од 2013 година наваму за да се насочат претходните бенефиции како што се детски даночни олеснувања, станбен надоместок и паричен надоместок, и обично им се дава на луѓе со ниски примања или на невработени.

Литл рекол во судот дека биле поднесени лажни тврдења за да се добие универзален кредит со помош на реални луѓе што „речиси секогаш биле Бугари“ и кои „биле соучесници и имале финансиска корист“.

„Тврдењата беа поткрепени со низа фалсификувани документи и лаги. Фалсификуваните документи вклучуваа фиктивни договори за закуп, фалсификувани ливчиња и фалсификувани писма од сопственици, работодавци, училишта и општи лекари“, објасни Литл.

Тој вели дека поголем дел од апликантите живееле во Бугарија и поднеле апликации лажно тврдејќи дека живеат и работат во Обединетото Кралство.

„Многумина патувале овде на кратко време за да го поднесат своето барање пред да се вратат во Бугарија. Некои никогаш не ни допатувале овде“, тврди Литл.

Главните архитекти на измамата биле, како што дознал судот, Али и Николова.

Бандата ќе почнела со наоѓање „клиенти“ во Бугарија, чии лични податоци би можеле да ги искористат за лажно да се преправаат дека живеат и работат во Обединетото Кралство.

Тие потоа ќе подготвеле низа фалсификувани документи, вклучувајќи фиктивни договори за закуп, фалсификувани ливчиња и фалсификувани писма од сопственици, работодавци и општи лекари.

Литл рекол дека групата организирала и стотици евтини летови за лажните баратели да патуваат во Обединетото Кралство и да присуствуваат на интервјуа или да се фотографираат со докажување дека се во земјата и имаат право на бенефиции. На група на Вотсап се разменувале пораки и фотографии, исмејувајќи ја наивноста на британските институции.

Министерството понекогаш бара фотографии од луѓето пред домовите со отворени влезни врати за да докаже дека живеат таму, вели Телеграф. Групата ќе фотографирала лажен апликант пред куќата од адресата и потоа ја фотошопирала фотографијата за вратата да изгледа подотворена.

Сливен некогаш беше просперитетен индустриски град познат по својата текстилна индустрија, но однеодамна пропаѓа. На периферијата се изградени големи гета, а многу фабрики во овој бугарски град пропаднаа.

Во последниве години, градот стана озлогласен и како извор на млади девојки што се продаваат во сексуалната индустрија.

Говорејќи ексклузивно за Телеграф од трошните канцеларии на единицата за организиран криминал во Сливен пред изрекувањето на пресудата, 47-годишниот Панајотов вели дека верува оти бандата заработувала до 200 милиони фунти годишно.

Откако ќе биле доделени привилегиите, тврди Панајотов, „клиентите“ морале да платат еднократна провизија од 500 до 800 фунти, по што добивале во просек од 2.000 до 2.500 фунти месечно.

„Нашата истрага откри неколку илјади луѓе, клиенти на оваа шема, и веројатно многумина сè уште добиваат пари преку слични шеми. Николова имала најмалку 5.000 до 6.000 клиенти, а Али управувал слична програма на слично ниво“, вели Панајотов.

Телеграф открил дека бандата ќе им дозволела на клиентите да добиваат бенефиции два месеци, по што ќе почнела да ги пренасочува парите на свои сметки. Од тој момент, тие сите пари ги земале за себе и за „доверителите“ што помогнале да се најдат соодветни кандидати во Сливен.

Инспекторот Панајотов вели дека малиот бугарски град бил „променет“ со парите и многуте клиенти „живееле како грофови“. Видеото и фотографиите до кои дошол Телеграф покажуваат како луѓе фрлаат пари во воздух. На второто се гледа како за една песна на свадба на пејачот му плаќаат 20.000 евра.

Иако бугарските власти веруваат дека имало перење пари, нема докази што сугерираат дека луѓето од видеото биле свесни за каква било криминална активност. Додека на Телеграф му ја покажувал снимката, Панајотов рекол: „Тоа се ваши пари. Тоа се британски пари“.

Најголем дел од клиентите, како и доверителите, доаѓаат од ромската заедница. Кога Телеграф ги посетил ромските области во градот Сливен, се чинело дека многу куќи се претвораат во големи вили.

„Во моментов во Сливен има 30 казина. Овие казина најчесто ги граделе криминалци што имаат многу пари. Измамниците лесно заработуваат пари и ги трошат парите брзо, без никаков план. Живеат како грофови“, објаснува Панајотов.

Телеграф го посетил и градот Пловдив, каде што Али има ресторан и фирма.

Али побегнал од Британија во Бугарија, но бил екстрадиран на 25 февруари минатата година за да се соочи со правдата. Судот дознал дека Тодорова и Николова, исто така, неуспешно се обиделе да побегнат од Британија по нивното прво апсење во мај 2021 година.

Еден човек од кафулето „Дримс“ во Пловдив, каде што бил уапсен Али, вели дека парите што ги заработила бандата биле неверојатни. Тој рекол за Телеграф дека би сакал да ја посети Велика Британија, додавајќи: „Сите го сакаат тоа“.

Во Обединетото Кралство, сите пет обвинети, освен Тодорова, живееле околу областа Вуд Грин во северен Лондон.

По дојавата на Панајотов, Министерството за труд и пензии спровело сопствена истрага пред да започне серија рации.

Детективите пронашле 750.000 фунти во готовина, како и големо количество скапа дизајнерска облека, накит и часовници во станот на Стојанова и Николова. Меѓу нив имало два часовници Емпорио Армани, два Версаче, чевли Гучи и многу патики Шанел. На домашната адреса на Али биле пронајдени повеќе од 40.000 фунти во готовина, како и многубројни фотографии од банкноти, прстен Тифани и видео со него и голема сума пари.

Панајотов вели дека не може да разбере како се одвивала измамата толку долго без да забележат британските власти: „Во почетокот британските претставници во амбасадата рекоа дека тоа не е можно. Дури и нашиот директор беше изненаден од обемот“.

Панајотов вели дека по апсењето на измамниците бил поканет на роденденската прослава на сега покојната кралица во британската амбасада во Софија. „Сега многу луѓе во Сливен ме мразат“, додава бугарскиот инспектор.

Министерството за работа и пензии објави дека неговите иследници работеле на следење и фаќање на измамниците, собирајќи опширни докази за лажни договори за закуп и компании што се создадени за издавање лажни потврди за вработување. Групата создала и многу лажни лични документи.

Случајот е опишан како комплексен со големо количество разузнавачки информации што треба да се анализираат и да се обезбедат полициски ресурси пред да се изврши апсење. Министерството во најбрз можен рок ги прекинало исплатите, откако биле собрани доволно докази.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ