Софија и Приштина ги поврзува постоењето на бугарската заедница на Косово, изјави бугарскиот претседател Румен Радев по неодамнешниот разговор со косовската претседателка Вјоса Османи.
„Тоа е мост на соработка меѓу двете земји и верувам дека ќе продолжиме да работиме на таков начин, да почнеме практични правни чекори оваа заедница слободно да го изразува својот идентитет, да ги зачува јазикот и културните традиции“, рече Радев.
На тоа доби одговор дека на пописот во април секој може да се изјасни како сака.
„Косово е мултиетничко и неговиот Устав вели дека е држава на Албанците и другите заедници. Затоа нема ограничувања и никој не спречува никого да се самоидентификува на која заедница припаѓа“, рече Османи.
А на југот на Косово, во Призрен, канцеларијата на Здружението за развој и интеграција на бугарската заедница ја отвори токму Радев.
„Овој пат ни беше дадена можност, претседател на европска земја која го призна Косово, нашата пријателска земја Бугарија која сака да ни помогне, а што е лошо во тоа? Засега во Призрен нема Бугари. Нема. Официјално ги нема. Ако некој собере 500-600 потписи и каже некому дека е Бугарин, тоа не пие вода. Официјален податок е пописот. Ако Бугарите работат на тоа, нека го направат тоа. Немам ништо против. Но, со нас тие имаат соработка во однос на економскиот развој“, рече Абаз Адеми од Здружението за развој и интеграција на бугарската заедница на Косово.
Бугарија смета дека Горанците се Бугари. И тука, како и во Пустец, Албанија, Софија со давање пасоши, стипендии за студирање, подароци по селата се обидува да го убеди локалното население дека се Бугари по потекло
Радев бара признавање на бугарско малцинство, Бугарите да влезат во Уставот на Косово и загарантирано место на Бугарите со Советот на заедниците.
Албанија уште во 2017 година го призна постоењето на бугарското малцинство под притисок на Бугарија во условувањето во подготовките за почеток на преговорите за членство во ЕУ.