понеделник, 23 декември 2024

Бугарија продолжува со асимилацијата на Македонците во Албанија

Не  запира асимилацијата на македонското население во Албанија од страна на Бугарија, која беше посебно  изразена лани пред и за време на пописот, вели во изјавата за ТВ Телма Васил Стерјовски, лидер на Македонска алијанса за европска интеграција. Додека Бугарија води агресивна асимилаторска политика, нашата држава останува пасивна и без поддршка за македонското малцинство во Албанија, додава тој.

Објавено на

часот

Сподели

„Наше е да се бориме, ние имаме повеќе активности во рамки на нашите можности. За жал, Република Македонија не покажаува интерес да нѐ поддржи како Македонци. Прашање е колку можеме сами да се бориме. Наклонетоста на Албанија е спрема Бугарија, која фрла огромни средства за асимилација на Македонците. Од друга страна македонската држава е пасивна во овој поглед“, вели Васил Стерјовски, претседател на  партијата Македонска алијанса за европска интеграција.

Единствената македонска партија во Албанија не ги прифати пописните резултати со образложение дека е извршен фалсификат на етничките Македонци во Албанија и испратија писма со реакции до меѓународниот фактор, а побараа обвинителството на Албанија да го истражи пописниот фалсификат и притисоците врз македонското население. Но, Стерјовски вели дека албанската влада не презеде мерки за заштита на првата и слободите на Македонците во Албанија.

„Мора да бидеме свесни дека Албанија си го гледа својот интерес, а тоа е да не биде попречувана од ниту една земја членка на нејзиниот пат кон Европската Унија, така што свесно на Бугарија му го дозволува тоа што го правеше за време на пописот и кое сѐ уште го прави. Бугарите си продолжуваат со негација на Македонците во Албанија“, вели Стерјовски.

Според резултати од последниот попис, во  Албанија живеат 2.281 Македонци, наспроти 5.512 колку што имаше на пописот во 2011 година, додека пак сега се евидентирани 7.957 Бугари, иако во претходните 11 пописи ниту едно лице не се изјаснило како Бугарин. Но и покрај ваквите бројки, Албанија во 2017 година призна бугарско малцинство, по што започна агресивна кампања за асимилација на Македонците од страна на Бугарија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ