сабота, 27 јули 2024

Бугарија ја тресе скандал поради гласањето за Сребреница

Во Бугарија изби скандал поради резолуцијата на Обединетите нации за „геноцидот во Сребреница“, откако медиумите објавија преписка на техничкиот премиер и министер за надворешни работи Димитар Главчев и бугарскиот претставник во ОН Личезар Стоев.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во неа шефот на владата го повикува дипломатот да се воздржи од гласањето за резолуцијата.Барањето стигнало од премиерот непосредно пред гласањето, на 23 мај, во кое Главчев истакнува дека иницијативата води кон засилување на тензиите во светот и на Балканот. Дипломатот, меѓутоа, одбил да ја испочитува наредбата, со објаснување дека Бугарија е коавтор на документот. Бугарија беше меѓу 84-те земји кои гласаа за.

Владата подоцна кажа дека преписката која протекла е само дел од процесот на донесување одлуки и дека не ја покажува вистинската слика. Таквиот инцидент само создава „простор за шпекулации, толкувања и манипулации на таа тема“, соопшти бугарската влада.

Бугарските медиуми истакнуваат дека поранешниот премиер и лидер на најголемата политичка сила, партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, „има одлични односи“ со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Коалицијата Ги продолжуваме промените и Демократска Бугарија го обвинија својот главен ривал ГЕРБ дека се обидува да влијае на бугарската позиција во ОН и дека ја поддржува „проруската позиција“. Побараа Главчев да се повика во парламентот и да се слушнат неговите објаснувања.

Техничкиот премиер е поранешен пратеник на ГЕРБ.

„Премиерот, кој ги извршува инструкциите на Борисов и Певски (Делјан Певски е лидер на пратеничката група Движење за права и слободи) нема мандат да ја менува надворешнополитичката ориентација на Бугарија и да поддржува проруската надворешна политика во ОН“, соопшти коалицијата.

ГЕРБ ги отфрли обвинувањата за обид за такво влијание.

„ГЕРБ не се меша во работата на техничката влада и нема никаква врска со скандалот околу ставот на Бугарија за резолуцијата на ОН за Сребреница“, кажа пратеникот на ГЕРБ Даниел Митов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ