четврток, 12 декември 2024

Бугарија и Романија се полноправни членки на Шенген од 1 јануари 2025 година

Бугарија и Романија целосно ќе се приклучат на Шенген зоната од 1 јануари 2025 година, бидејќи земјите-членки на ЕУ денеска одлучија да ја укинат контролата на луѓето на внатрешните копнени граници со и меѓу тие земји од тој датум.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Целосно во Шенген – каде што припаѓате“, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен на својот профил на социјалната мрежа Икс по објавувањето на оваа одлука на Советот на ЕУ. И Европската комисија ја поздрави оваа едногласна одлука на Советот на ЕУ, наведувајќи дека тоа значи дека граѓаните ќе можат да патуваат без контрола на копнената граница до и меѓу Бугарија и Романија.

„Овој важен чекор го комплетира целосниот влез на двете земји во Шенген зоната. Ова не само што ја зајакнува Шенген зоната, туку дополнително ќе го зајакне внатрешниот пазар, ќе ги зголеми патувањата, трговијата и туризмот. Силната Шенген зона го зајакнува единството на ЕУ и ја прави ЕУ посилна на глобално ниво“, се вели во соопштението на Комисијата.

Зборуваше и претседателката на Европската комисија Роберта Мецола, која им честиташе на граѓаните на овие две земји и посочи дека посилен Шенген значи побезбедна и пообединета Европа.

„Готово е. Одлучено е. Заслужено е. Романија и Бугарија целосно ќе се приклучат на Шенген на 1 јануари 2025 година. Им честитам на граѓаните на двете земји кои напорно и долго работеа за ова. Посилен Шенген значи побезбедна и пообединета Европа“, изјавила Мецола на својот профил на социјалната мрежа Икс.

Земјите-членки на ЕУ денеска донесоа одлука за укинување на контролата на луѓето на внатрешните копнени граници со и меѓу Бугарија и Романија од 1 јануари 2025 година, соопшти Советот на ЕУ. Одлуката што ја усвоија министрите за внатрешни работи на ЕУ ја соопшти и унгарското претседателство со Советот на ЕУ, оценувајќи дека тоа е голема победа за Бугарија, Романија и цела Европа.

„Историски момент е што конечно ги дочекуваме Бугарија и Романија како полноправни членки на Шенген. Укинувањето на проверките на лицата на внатрешните копнени граници со и меѓу тие земји-членки беше главен приоритет на унгарското претседателство, а денес го направивме тоа реалност. Од овој чекор ќе имаат корист не само граѓаните на Бугарија и Романија, туку и ЕУ во целина“, изјави унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер.

Министерството за внатрешни работи на Австрија претходно овој месец објави дека ќе го укине своето вето за прием на Романија и Бугарија во полноправно членство во Шенген зоната за слободно движење, отворајќи им го патот на министрите на ЕУ да го одобрат потегот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ