сабота, 27 јули 2024

Бугарија доби преодна влада, вонредни избори закажани за 9 јуни

Бугарскиот парламент денес официјално ја одобри преодната влада на чело со премиерот Димитар Главчев која ќе управува со земјата-членка на ЕУ до предвремените парламентарни и редовни избори за Европскиот парламент на 9 јуни.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Димитар Главчев (60) положи заклетва како привремен премиер на церемонијата во Народното собрание, каде што и неговите министри положија заклетва. Тој беше избран од бугарскиот претседател Румен Радев според неодамнешните уставни амандмани кои го ограничија неговиот избор на само неколку високи државни службеници, пренесува АП.

Главчев, шеф на Националната канцеларија за ревизија и поранешен законодавец од десноцентристичката партија ГЕРБ и спикер на парламентот, рече дека министрите што тој ги избра за својот привремен кабинет се „подеднакво оддалечени од сите политички партии“.

Потегот доаѓа откако двете најголеми политички групи – ГЕРБ и реформистите предводени од Продолжуваме со промените – не успеаја да најдат заеднички јазик за да ја продолжат својата коалиција по девет месеци на власт. Падот на коалицијата во март помогна да се отвори патот кон предвремени парламентарни избори, шести од април 2021 година, кои се очекува да ја продлабочат политичката криза и да ги стават во мирување клучните реформи.

Народното собрание на вонредната седница ја инаугурираше 10 преодна влада во историјата на државата, а шеста во последните четири години. Тоа е и прва влада која по неодамнешните уставни измени положи заклетва пред парламентот, а не пред претседателот, пишува бугарскиот сајт Новините.

На крајот на март претставници на партијата Има таков народ (ИТН) на бугарскиот претседател му го вратија третиот и последен мандат за состав на влада, што им го врачи, со што се отвори патот за закажување на вонредни парламентарни избори. На изборите во април минатата година, ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, додека коалицијата предводена од партијата Продолжуваме со промените освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот парламент, а нивните обиди за формирање влада претходно беа неуспешни.

Првиот мандат Радев ѝ го довери на коалицијата ГЕРБ-СДС, но таа не формираше влада – мандатарката Марија Габриел се откажа и го врати мандатот. Вториот мандат за состав на влада му беше доверен на Николај Денков, кандидатот за премиер кој беше предложен од втората најмоќна партија на 49 свикување на Народното собрание „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ ( „НП-ДБ“), но мандатарот веднаш го врати мандатот.

Третиот мандат за состав на влада, според бугарскиот устав, претседателот го доверува на една од останатите парламентарни сили, по своја дискреција, во рок од 7 дена. Според Уставот, доколку не се постигне договор за формирање влада, претседателот по консултација со пратеничките групи назначува преодна влада и распишува нови предвремени избори во рок од 2 месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ