Во рамките на панелот “Улогата на НАТО во унапредување на националната отпорност против сајбер закани и дезинформации”, Бубевски дискутираше особено за можностите на истражниот центар на ОЈО Скопје за обезбедување докази за кривични дела од компјутерски криминал.
“Истражниот центар на ОЈО Скопје воспостави електронски канал за комуникација, систем за комуникација со меѓународните интернет сервис провајдери, како што се Мета платформите (Фејсбук, Инстаграм, ВатсАпп), Гугл, Вајбер и другите од кои има потреба. Најмногу барања се поднесуваат до платформите на Мета, бидејќи 90 отсто од нашето население ги користи тие социјални мрежи и апликации за комуникација”, појасни обвинителот Бубевски.
Притоа, може да се достават три вида барања, барање за зачувување на податоци, барање за прибавување податоци и итно барање (во случаи на најтешки форми на кривични дела).
Од операторите се прибавуваат три вида податоци, податоци за корисник, податоци за сообраќајkи, податоци за содржина, текст и видео.
“Првите два вида податоци се добиваат по барање на обвинител или судија, додека за пристап до содржина неопходно е барање за меѓународна правна помош”, додаде Бубевски.
Како член на работната група за подготовка на новиот Кривичен законик, тој нагласи дека во предлог-законските решенија се содржани и нови одредби кои дополнително треба да ја зајакнат сајбер безбедноста, целосно усогласени со европските и меѓународните стандарди во оваа област.