сабота, 27 јули 2024

Бројот на жртвите расте, се заканува огромна еколошка катастрофа

Објавено на

часот

Сподели

Нишајќи се потпрен на тесната карпа, со резервоари преполни со илјадници тони гориво, насуканиот прекуокеански брод Коста Конкордија еколошките експерти го опишуваат како „еколошка бомба спремна да експлодира во најзаштитеното подрачје од Медитеранот“. Најавеното невреме се заканува да го турне 114.000 тони тешкиот брод од плиткиот брег на островот Гиљо во 70-метарска длабочина и растат стравовите дека 2.400-те тони гориво ќе истече во кристално-чистите води, дом на китови, делфини, желки и десетици ретки видови растенија.
Нуркачите најдоа уште едно тело на бродот, со што бројот на жртвите се искачи на 12, една недела откако бродот удри во карпите. Сензорите продолжуваат да го надгледуваат секое движење на 290-метарскиот брод кон длабочините што се на 30 метри оддалеченост.
„Ако пукнат резервоарите, нафтената дамка ќе биде одвлечкана северно од струите кон источниот брег на Гиљо и островите Елба и Монтекристо, и поради тоа многу внимателно го набљудуваме бродот“, изјави Фабрицио Серена, службеник во Одделот за заштита на морскиот живот во Тоскана.
Монтекристо, островот од познатиот роман на Александар Дима, е заштитена област каде што живеат средоземните свештенички фоки, а Гиљо е резерват на китови. Последниот пат кога било пријавено загадување на брегот, тоа било поради фрлена машина за перење алишта. А сега треба да се справат со прекуокеански брод што се надвиснува над локалните покриви.
Градоначалникот на малиот остров, пак, тврди дека нема потреба од „алармизам“ што може да им ја уништи туристичката сезона.
„Вистината е дека горивото е складирано во петнаесет одделни резервоари, што значи дека дури и да потоне, нема сите да пукнат, и нема сите 2.400 тони да истечат одеднаш“, изјави Андреа Поги од Одделот за заштита на морскиот свет. „Но колкаво количество и да истече, пак ќе биде катастрофално“.
Италијанското министерство за екологија предупреди дека бродот веќе го загадува брегот на кој е насукан, поради тоа што тони од масло за готвење, боја, детергенти, растворувачи и хлорирана базенска вода истекуваат од дупките пробиени во трупот од спасувачите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ