четврток, 24 октомври 2024

Бројот на родени во Јапонија е на рекордно ниско ниво. Владата: Ситуацијата е критична

Бројот на бебиња родени минатата година во Јапонија опаѓа осма година по ред. Стапката на родени е многу ниска, покажуваат владините бројки, а висок функционер им кажа на Јапонците дека е клучно земјата да го смени трендот во следните шест години.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Минатата година во Јапонија се родиле 758.631 бебе, што е пад од 5,1 отсто во однос на 2022 година, според јапонското Министерство за здравство и социјална заштита. Бројката го означува најмалиот број раѓања откако Јапонија почна да ги води овие статистики во 1899 година, пишува Гардијан.

Минатата година во Јапонија се склучени 489.281 брак, што е намалување за 5,9 отсто во однос на претходната година. Тоа значи дека бројот на бракови падна под половина милион за прв пат по 90 години. Токму тоа е една од клучните причини за падот на бројот на родени. Да се ​​роди дете вонбрачно е многу ретко во Јапонија поради семејните вредности засновани на патерналистичка традиција.

Анкетите покажуваат дека многу млади Јапонци се против брак или создавање семејство. Причините се наоѓаат во работните места, високите трошоци за живот кои растат побрзо од платите и корпорациите кои претпочитаат да вработуваат луѓе без деца. Многу млади родители во Јапонија тврдат дека се чувствуваат изолирано.

Главниот секретар на владиниот кабинет Јошимаса Хајаши вчера изјави за новинарите дека континуираниот пад на стапката на наталитет е во „критична состојба“. „Во следните шест години ќе можеме да го смениме негативниот тренд и ова е последна шанса. Нема време за губење“, рече Хајаши.

Премиерот Фумио Кишида за нискиот наталитет рече дека тој претставува „најголемата криза со која се соочува Јапонија“ и најави пакет мерки кои вклучуваат поголема поддршка и субвенции главно за породување, за децата и нивните семејства.

Но, експертите велат дека се сомневаат дека напорите на владата ќе бидат ефективни бидејќи досега тие најмногу се фокусирале на луѓе кои се веќе во брак или планираат да имаат деца, и не се бавеле соодветно со растечката популација на млади луѓе кои не сакаат да стапат во брак и да имаат деца.

Во текот на изминатите 50 години, бројот на родени во Јапонија опаѓа. Пред 50 години, Јапонија имала 2,1 милиони родени. Падот во бројот на родени доаѓа порано од претходните прогнози според кои Јапонија ќе има под 760.000 раѓања годишно дури во 2035 година.

Се предвидува дека популацијата на Јапонија од повеќе од 125 милиони да се намали за околу 30 отсто на 87 милиони до 2070 година. Намалувањето и стареењето на населението имаат големи импликации за економијата и националната безбедност додека земјата се обидува да ја зајакне својата војска за да се спротивстави на се помоќните територијални амбиции на Кина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ