сабота, 27 јули 2024

Бројот на новороденчиња во Јужна Кореја е најмал од 1970 година

Бројот на новороденчиња во Јужна Кореја во 2023 година е најмал од 1970 година, кога почна да се води статистика, соопшти денеска Сеул.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Показателите се лоши иако владата потроши милијарди евра за да го зголеми наталитетот.

„Бројот на новородени деца во 2023 година беше 230.000, што е за 7,7 отсто помалку отколку во 2022 година“, изјави за новинарите Лим Јунг-ил од јужнокорејската агенција за статистика.

Во 2023 година наталитетот, односно бројот на новороденчиња на 1.000 жители, според прелиминарните податоци, бил 4,5 во однос на 4,9 во 2022 година.

„Бројот на новороденчиња е на најниско ниво од почетокот на евиденцијата во 1970 година“, рече Лим Јунг-ил.

За да се одржи сегашната популација (51 милион), жените во просек би требало да раѓаат 2,1 деца во текот на својот живот, но во 2023 година тоа се намалило на 0,72.

Со таа стапка, населението на Јужна Кореја речиси ќе се преполови на 26,8 милиони во 2100 година, според Институтот за здравствено мерење и евалуација на Универзитетот во Вашингтон во Сиетл, САД.

Јужнокорејската држава потроши милијарди евра за да го поттикне раѓањето деца, вклучително и плаќање надоместоци, поддршка на услугите за детска грижа и помагање со третмани за неплодност.

Според експертите, на ваквите податоци за наталитетот влијаат високата цена на недвижностите и високите трошоци поврзани со одгледувањето деца во високо конкурентно општество каде што е тешко да се дојде до добро платени работни места.

Експертите велат дека влијае и тоа што жените имаат двоен работен ден, кога се враќаат од работа често ги преземаат задачите да го чистат домот и да им помагаат на децата во учењето.

Голем број развиени земји, исто така, се борат со нискиот наталитет, особено соседна Јапонија, каде што бројот на раѓања падна во 2023 година осма година по ред, според податоците објавени вчера.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ