четврток, 13 јуни 2024

Бројот на дипломирани студенти се намалил за 3.5 отсто

Објавено на

часот

Сподели

Вкупно 7.483 студенти минатата година завршиле додипломски студии на високите стручни школи и на факултетите во земјава, што претставува намалување за 3,5 отсто во споредба со 2021 година, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика.

Ако се направи споредба меѓу факултетите, може да се заклучи дека најмногу студенти минатата година дипломирале на Економскиот факултет при приватниот Универзитет за туризам и менаџмент – Скопје. Таму додипломски студии минатата година завршиле 393 студенти, што е повеќе и од Економскиот факултет при УКИМ во Скопје.

Ова е првпат приватен факултет да го забележи највисокиот број на дипломирани студенти во една академска година.

Економскиот факултет при УКИМ и Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово минатата година забележале еднаков број на дипломирани студенти – по 333.

Следен факултет со најмногу дипломирани студенти во 2022 година е Медицинскиот факултет од УКИМ, каде лани додипломски студии завршиле вкупно 298 студенти, по што следува и Медицинскиот факултет при штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ со 248 дипломирани студенти.

Од вкупниот број дипломирани, 57,1 отсто се студентки.

Меѓу дипломираните, 80,1 отсто биле редовни, а 19, отсто вонредни студенти.

Севкупно земено, на државните универзитети дипломирале 5.026 студенти, или нешто над 67 отсто, додека 2.433 студенти дипломирале на некоја од приватните високообразовни установи. Останатите 24 студенти завршиле верски факултет.

Податоците покажуваат и дека 40 отсто од студентите дипломирале во рок, додека 60 отсто дипломирале по рокот предвиден во студиските програми.

Статистички, најмногу дипломирани студенти и минатата година произвел Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје – вкупно 2.523. По него следува Универзитетот во Тетово со 1.029 дипломирани студенти, па Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип со 765 дипломирани студенти.

                                                                                                                                                                          Мета

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ