Германија останува земја со најголем број барања за азил, но 237.000-те барања поднесени во 2024 година се за 29 отсто помалку отколку во 2023 година.
Меѓу земјите со голем број примени барања за азил се Шпанија, Италија и Франција со по 160.000, додека, по жител, најмногу барања добиле Кипар и Грција, по еден на 140 жители.
Најмногу барања за азил поднеле Сиријците, 151.000, но тоа е за 17 отсто помалку отколку во 2023 година. Сириските барања инаку сочинуваат 15 отсто од сите барања за азил во ЕУ, Норвешка и Швајцарија.
Авганистанците поднеле 87.000 барања за азил, 24 отсто помалку отколку во 2023 година, а Турците поднеле 56.000 или 45 отсто помалку, покажуваат податоците на Европската агенција за азил.
Меѓу земјите од Латинска Америка, 74.000 граѓани на Венецуела побарале азил, 9 отсто повеќе отколку во 2023 година, како и 52.000 колумбиски граѓани, 18 отсто помалку.
Агенцијата, исто така, објави дека стапката на признавање (уделот на позитивните одлуки во вкупниот број одлуки за азил за секоја фаза од постапката) во ЕУ+ во 2024 година останала на 42 отсто, иако овој процент ги маскира значителните разлики во зависност од националноста и тенденцијата за доделување супсидијарна заштита наместо статус на бегалец.
Агенцијата, исто така, наведе дека во 2024 година, речиси половина од сите примени апликации биле поднесени од граѓани на земји со ниски стапки на признавање (20 проценти или помалку) – Бангладеш, Мароко и Тунис.