среда, 18 декември 2024

Брнабиќ: Никој не ни го заборава тоа што не ѝ воведовме санкции на Русија

Големите притисоци врз Србија продолжуваат од различни страни, Соединетите Американски Држави не се среќни што Нафтената индустрија на Србија (НИС) е во руска сопственост и никој не ни го заборава тоа што не ѝ воведовме санкции на Русија, изјави претседателката на српското собрание Ана Брнабиќ, по повод најавата дека САД ќе му воведат санкции на НИС.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Брнабиќ истакна дека кога неодамна била во Брисел на секој состанок темата била кога Србија ќе ѝ воведе санкции на Русија. таа истакна дека Србија со оваа американска влада имала коректни односи, но дека денес нема многу земји во светот, односно светски сили кои особено ги сакаат малите земји, кои водат самостојна и независна надворешна политика.

„Во момент кога светот и Европа горат, ја имате Србија која размислува со своја глава и не ги слуша ни Истокот ни Западот, туку го слуша својот народ, своите граѓани и работи во најдобриот интерес на нашата земја и за да ја зачуваме нашата стабилност. И за да најдеме некој начин, некој мал процеп за економски да продолжиме да растеме. Јас не мислам дека Америка има некаква желба претерано да нè малтретира. Но дали е ова дел од притисоците? Да. Дали се тие среќни што НИС е во сопственост на Русите? Не се. Дали јас тоа поинаку ќе го направев ако ние во 2008 бевме на власт? Секако“, кажа Брнабиќ.

Претседателката на српскиот парламент потсети дека НИС е продаден за 400 милиони евра.

„Кога Александар Вучиќ уште беше претседател на владата на Србија, ние го почнавме процесот за практична концесија на аеродромот Никола Тесла. Тоа не е продажба на аеродромот, тоа е концесија. Значи, му го давате некому аеродромот на управување на 25 години, но тоа во секој момент е ваша сопственост, на Република Србија и граѓаните на Република Србија“, кажа Брнабиќ.

Истакна дека сегашната власт испреговарала државата за концесијата на аеродромот како еднократен надомест да добие 501 милион евра, што е повеќе отколку за цел НИС.

Брнабиќ истакна дека најголем и најважен билатерален партнер на Србија во трговијата во стоковата размена е Германија, број еден партнер во трговијата на услуги се САД. Таа истакна и дека најголемите инвестиции доаѓаат од Европската Унија, но дека најголем поединечен инвеститор е Кина.

„Со Русија ние немаме особено голема размена, освен тоа што е мнозински сопственик на НИС и што имаме најдобар гасен аранжман со Русија, благодарејќи повторно на паметната политика. Но имаме исклучително важен гасен аранжман и имаме комуникација, која утре ќе користи можеби како мост за нечија туѓа комуникација, затоа што и таа војна ќе мора некогаш да сопре. А секоја војна мора да сопре со некаков, би кажала, дијалог“, истакна Брнабиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ