вторник, 22 октомври 2024

Брнабиќ: Хрватите сакаат да го урнат Вучиќ, да имаат литиум и тие би копале

Претседателката на српскиот парламент и доскорешна премиерка Ана Брнабиќ кажа дека во Хрватска се противат на рударењето литиум во Србија бидејќи тоа дополнително би го зајакнало Белград во регионот, а Хрватска, да ја има таа сировина, сигурно би ја копала. Брнабиќ оцени дека протестите низ Србија против рударењето литиум се наводно еколошки, но целта всушност им е да го урнат српскиот претседател Александар Вучиќ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Изјавата на Ана Брнабиќ доаѓа во време на сè пожестоки секојдневни расправи во српската јавност и на политичката сцена за рударењето литиум во Србија, пред сè поттикнати од неодамна потпишаниот меморандум со Европската Унија за стратегиски суровини. Тој документ ја засили власта отворено да ја форсира експлоатацијата како шанса за економски напредок.

„Со литиумот не само што би биле дополнително самостојни туку би биле стратегиски земја која има сила да одлучува и да им ги наметнува своите одлуки на некои. Затоа Загреб е против тоа. Ако Хрватска има литиум, мислите дека не би го копала?“, праша Брнабиќ.

Поранешната српска премиерка е меѓу неколкуте водечки државни функционери во Србија кои отворени и директно лобираат за рударењето литиум и проектот Јадар, кој предвидува експлоатација на тој редок минерал во земјоделскиот западен дел од земјата.

Според Брнабиќ, „литиумот за Србија значи дополнителна самостојност, сила, сигурност“.

„Тие (Хрватска) се против сето тоа“, кажа Брнабиќ, обвинувајќи ги опозицијата, активистите и странските фактори дека не се загрижени за последиците по природата, туку дека целта им е да го урнат шефот на државата.

„Тие сакаат да го урнат Александар Вучиќ. Гледам дека се вложени доста пари. Речиси 79 милиони евра, три пати повеќе отколку пред неколку години. Не е тоа поради литиумот“, кажа Брнабиќ, не прецизирајќи кои се „тие“.

Оцени дека Србија е единствената држава надвор од ЕУ која се осмелила самостојно да носи одлуки бидејќи е доволно силна да доведе до тоа народот да одлучува за надворешната и внатрешната политика. „Тоа не се простува“, кажа Брнабиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ